Градско – Дреново, експресен пат во составот на Коридорот 10, од денес е во употреба. Делницата е со должина од 15,5 километри, а ширината на коловозот е 12,4 метри. Има три клучки – кај Градско, Росоман и Дреново. Средствата за проектот вреден 37,5 милио и евра се обезбедени од ИПА фондовите 26,7 милиони евра и 10,6 милиони евра од државниот Буџет.
„Експресниот пат, кој е дел од паневропскиот Kоридор 10, претставува повеќе од 15 километри модерна инфраструктура. Финансиран преку ЕУ грант во вредност од над 35 милиони евра, покрај националното ко-финансирање, oвој експресен пат ќе донесе опипливи придобивки и за граѓаните и за бизнисите, побрзо и побезбедно патување, како и подобра пристапност до останатите делови од овој витален коридор, што минува низ шест земји од Австрија од Грција, поврзувајќи ги сегашните и идни членки на ЕУ, поврзувајќи ја земјата со светот“, рече евроамбасадорот Михалес Рокас, додавајќи дека секој километар од овој пат придонесува кон амбицијата на земјата да ја зајакне својата внатрешна и регионална поврзаност.
Според него, Коридорот 10 ја зацврстува стратешката позиција на Северна Македонија како клучен транзитен центар во ЈИЕ. „Овој експресен пат е критично делче од пошироката транс-европска транспортна мрежа, што не поврзува меѓусебно, како соседи и како партнери“ смета евроамбасадорот.
Делница означува нов почеток на развојот на централна и југозападна Македонија, поврзувајќи ги Прилеп, Битола и Пелагонија, посочи премиерот Христијан Мицкоски.
„Коридорите 8 и 10, како и 10Д се стратешки за Македонија, правејќи ја крстосница на Балканот и заради тоа имаме силен фокус да ги модернизираме, на ниво, со што ќе дадеме регионален придонес во инфраструктурното поврзување“, наведе Мицкоски и рече дека е при крај и втората фаза Дреново – Фариш до Прилеп, а интензивно се работи и на проектот за изградба на автопатот Прилеп-Битола од околу 40 километри.
Мицкоски му се заблагодари на амбасадорот Рокас и на Канцеларијата на ЕУ за сето тоа што го прави за државата.
„Преку реални проекти, преку проекти коишто сите можеме да ги видиме и користиме, можеме поблиску да ја доближиме Европската унија и европските вредности до граѓаните. И убеден сум дека вакви проекти заедно со Канцеларијата на Европската унија, во годините коишто следат, ќе завршуваме“.