Се продлабочува вкупната загуба на државната „Пошта“, таа секоја година тоне, минатата година остварила нова загуба од 2,2 милиони евра. Финансиските загуби негативно влијаат врз нејзината работа и квалитет на услугите.
Лошата финасиска состојба е долгорочен проблем на АД „Пошта на Северна Македонија“. Нејзиното работење е проследено и со низа скандали, загрижувачки наоди од ревизорите, штрајкови на вработените. Претходната влада најавуваше и нејзина продажба. Но, работите одат само на полошо. Се трупаат административци, а на терен ретко има кој да работи. Во „Пошта“ има дури 1.850 вработени и пак нема кој да носи писма, пратките доцнат, па многу пати и воопшто не стигнуваат. Како што неофицијално дознаваме, ова многу ги разлутило и „Али експрес“ и „Али Баба“ кои имале сериозни разговори со нашата пошта, а исходот може да биде загрижувачки.
Според ревизорскиот извештај, друштвото се наоѓа во неповолна финансиска положба почнувајќи од 2017 година, при што во континуитет остварува загуби од работењето, а најголема загуба е во 2022 година во износ од 3,7 милиони евра.
„Друштвото се соочува со голема задолженост по основ на заеми, кредити и пресметани камати, кои не се сервисираат навремено, што дополнително ја влошува финансиска состојба и ја нарушуваа ликвидноста. Вкупните обврски за краткорочни кредити и заеми на крајот на 2023 година изнесуваат 3,5 милиони евра, а се однесуваат на земен краткорочен заем од МЕПСО – АД за пренос на електрична енергија во износ од 1,6 милиони евра и два краткорочни кредити од деловни банки во вкупен износ од 1,9 милиони евра. За доспеаните, а неисплатени кредити во 2024 година, пресметана е договорна казнена камата од 24,45% или речиси 109 илјадиевра“, се вели во извештајот.
Претходно порталот Пари во своите анализи пишуваше дека и покрај загубите на „Пошта“, сепак друштвото не е за жалење во однос на прометот. Но, очигледно бадијала промет, ако се прават бесмислени трошоци и ако од него не знае да се заработи. Ланските податоци покажуваат дека „Пошта“ направила промет од дури 20,5 милиони евра, а тоа е за 5,1% повеќе отколку во 2022 година, кога имала промет од 19,5 милиони евра.
Според ревизорскиот извештај, само 59,7% од пратките биле доставени навремено, што е далеку под пропишаните стандарди. Дополнително, откриени се неправилности во управувањето со имотот и јавните набавки, како и зголемување на платите на менаџментот, иако друштвото е во финансиска криза.