Одржувањето на патиштата низ државата е доведено во опасност поради сериозните финансиски предизвици со кои се соочува Јавното претпријатије за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта. Цели 12 години ова државно претпријатие работи со блокирана сметка и основната дејност ја извршува во рамките на месечните лимити. Или, на крајот од 2022, ненамирените обврски биле во износ од над 10 милиони евра. Тоа, пак, има клучно влијание врз квалитетот и континуитетот на извршување на дејноста. А, кон сето тоа – средствата за плати се зголемувале, бројот на вработените се намалувал.
Констатациите на Државниот завод за ревизија произлегуваат од извршената ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на ова јавно претпријате за 2022 година.
„ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта, 12 години, односно од 2012 година до денот на известување за спроведената ревизија, јавната дејност која е од суштинско значење за јавниот интерес и безбедноста на граѓаните, ја врши со сметка која е блокирана поради извршни решенија за наплата на неподмирени обврски. Согласно податоците од носителот на платниот промет, на крајот на 2022 година сметката на ЈП е блокирана за обврски во вкупен износ од 663 милиони денари“, забележале ревизорите.
Освен тоа, потенцирано е во извештајот, тие 663 милиони денари се за приближно 196 милиони денари повисоки во однос на евидентираните во сметководствената евиденција на ЈП (околу 467 милиони денари). „На ревизијата не и е дадено соодветно образложение и доказ за утврдената разлика, што има за ефект да не се потврди вистинитоста и објективноста на евидентираниот износ на обврски по извршни решенија во Билансот на состојба на 31 декември 2022 година“.
Кон сето тоа, ревизијата утврдила дека трошоците по основ на надомест на штети, камати и судски трошоци дополнително влијаат за влошување на финансиската состојба на ЈП. Тие биле најголеми во 2018 – 17.791 илјада денари. Потоа се намалуваат и во 2021 изнесуваат 8.317 илјади денари. Но, потоа овие трошоци „повторно бележат пораст и во 2023 нивниот вкупен износ е 16.149 илјади денари, односно поединечно достигнале повисоко ниво отколку во 2018 година“.
Исто така, ревизорите посочуваат дека долговите постојано се зголемуваат.
„Вршењето на дејноста на претпријатието се реализира во рамки на месечните лимити, односно минимумот на парични средства над кои не може да се спроведе извршување, определени со решенија на Основен суд Скопје II Скопје. Во последното донесено решение од 14.06.2021 година кое сѐ уште е во важност, месечниот лимит за функционирање на ЈП е определен во износ од 231 милион денари, додека вредноста на потребни средства утврдена со Програма за одржување и заштита на државни патишта за 2022 година изнесува 1.850 милиони денари.
Констатирано е дека ЈП низ годините има тренд на зголемување на обврските кон добавувачи во земјата, како резултат на зголемена активност во делот на одржување и заштита на државни патишта, односно поради изградба на нови делници, зголемени трошоци за набавка на нафта и нафтени деривати, како и растот на цените на стоките и услугите“.
Во извештајот е нотирано дека обврските кон добавувачите во 2018 се во вкупен износ од околу 480 милиони денари, а во 2022 година веќе нараснале на 966 милиони денари. Исто така, трендот на зголемување е присутен и кај обврските по извршните решенија, кои од околу 324 милиони денари во 2018, во 2022 достигнале износ од над 467 милиони денари.
„Ваквиот начин на функционирање на ЈП, кое не е во можност редовно да ги плаќа доспеаните обврски, влијае врз зголемување на обврските по извршни решенија и зголемување на обврските по основ на камати, што неповолно влијае на финансиската стабилност и ликвидност на претпријатието и во исто време влијае на тековното работење на добавувачите и вредноста на стоките, работите и услугите кои се добиваат во постапките за јавни набавки“.
Ревизијата утврдила и дека одговорното лице во претпријатието не ги осигурало градежните објекти и средствата со кои располага, во вредност од приближно две милијарди денари, односно 32,4 милиони евра, а кои се изложени на ризици.
„Од јуни до декември 2021 набавени се 15 специјализирани возила за чистење снег, во вредност од 177 милиони денари, од кои едно возило, 20 дена по приемот и само 150 km изминати, било опожарено без да биде каско осигурено, а пак фабричката гаранција не била искористена. Тужбата за надомест на штета била поднесена две години по пожарот односно на ден 27.12.2023 година.
Полнењето на возила со гориво се врши со пумпи, чии мерила подолг временски период не ce верификувани/ баждарени. Со исклучок на две подземни цистерни, приемот на гориво се врши во т.н. надземни пластични и метални контејнери. При користење на горивото вработените го преточуваат во туби и канти. Од извршениот теренски увид ревизијата констатира дека овој начин на прием, складирање, ракување и издавање на горивото ја загрозува безбедноста и здравјето на граѓаните и неповолно влијае на животната средина и во исто време постојат ризици во однос на начинот на користење на нафтените деривати“, пишува во ревизорскиот извештај.
Во тој контекст се наведува дека при теренскиот увид во секциите Струга и Охрид е утврдено дека во несоодветни услови се чува залихата на сол за зимското одржување на патиштата, па губи од своите физички својства, квалитет и предизвикува отежнато користење. Односно, условите во кои се чуваат горивото и солта за зимско одржување не се во согласност со Процедурата за евиденција на материјали, со која е предвидено примениот материјал да биде уредно складиран на соодветно безбедно место, заштитен од надворешни влијанија доколку е од специфичен вид, како и од евентуална злоупотреба”.
Во ЈП не е издвоена расходуваната опрема, од која 90 отсто се возила и градежни машини користени за резервни делови без согласност од Владата. Опремата е уништена како отпад без да се спроведе соодветна законска постапка, а нејзината употреба не е уредена со интерен акт, што создава ризик од неконтролирана и несоодветна употреба.
Исто така, раководството не презело активности за проценување на средствата со кои располага претпријатието од страна на овластени проценители за да се утврди објективната вредност на основната главнина. Па, не е евидентирана како основачки влог во единствениот трговски регистар и регистарот на други правни лица при Централниот регистар и не се забележани подружниците во регистарската влошка по којашто е запишано трговското друштво,
Во 2022 година, трошоците за бруто плати на вработените во Јавното претпријатие изнесувале околу 390 милиони денари, што е зголемување од приближно 34 милиони денари во споредба со 2021 година, кога изнесувале околу 356 милиони денари. Ова зголемување се случило и покрај намалувањето на бројот на вработени од 840 на 796. „Причината за зголемените трошоци е измената на Правилникот за плати и наградување, со која се зголемил бројот на бодови за пресметување на платите. Оваа измена е усвоена од страна на Управниот одбор и почнала да се применува од јуни 2022 година, но Јавното претпријатие не добило согласност од од основачот, односно Владата за оваа одлука, што не е во согласност со законските прописи“, забележале ревизорите.
Во текот на ревизијата се утврдени и други „неправилности и неусогласености од различна природа, кои влијаат на изразување на мислење со резерва за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2022 година и неповолно мислење за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики“, запишано е во извештајот на ДЗР. А, за надминување на состојбите, на надлежните им се дадени препораки за преземање мерки и активности.