ПОВЕЌЕ

    ПАРИ ОТКРИВА: НОТАРИТЕ ГИ „ПРОШИШАА“ ИЗВРШИТЕЛИТЕ – Астрономски добивки, најголемата 360.000 ЕВРА!

    Време зa читање: 3 минути

    Речиси и да нема документ за кој не треба нотарска заверка. Таму се подготвуваат документи за разни купопродажби, за закуп, се изготвуваат нотарски платни налози… Нотарските канцеларии секогаш се преполни, па неретко треба да се оди од една до друга за да се заврши некоја работа. А, во меѓувреме, касата кај нотарите постојано се полни.

    Порталот „Пари“ претходно пишуваше за заработките на извршителите, но анализата што ја направивме за најголемите приходи и добивки на нотарите покажува дека тие што се на самиот врв по заработките, лани дебело ги „прошишале“ извршителите.

    Според анализата на порталот „Пари“ во соработка со Бизнисмрежа.Мк најголем приход направила нотарската канцеларија на Анета Петровска Алексова од Скопје, над 850.000 евра! Анастасија Петреска остварила најголема добивка (нето-приход) пред оданочување од безмалку 360.000 евра!

    ВО 10 НОТАРСКИ КАНЦЕЛАРИИ ВЛЕГЛЕ 4,6 МИЛИОНИ ЕВРА!

    Десетмината нотари кои имале најмногу или најголеми предмети, заедно оствариле промет од 4,6 милиони евра. Откако ги намириле своите трошоци – им останал нето-приход пред оданочување од околу 1,5 милиони евра.

    „Пари“ ексклузивно ви го претставува списокот на десетте нотари со најголеми приходи и нивните добивки.

    Анета Петровска Алексоска, Анастасија Петреска, Зафир Хаџи – Зафиров, Ана Брашнарска, Дејан Павловски, Агрон Аслани и Сашо Василевски не само што се во првите десет по приход, туку се и во првите десет по добивка, со импресивни заработки пред оданочување од 100.000 до 360.000 евра.

    Но, иако не се најприходни, во друштвото ТОП 10 според остварена добивка пред оданочување влегуваат и:

    НОТАР ДАРКО СТОЈКОСКИ од Скопје кој направил добивка пред оданочување од 130.000 евра со приход од  226.000 евра;

    НОТАР САШО КЛИСАРОСКИ од Скопје кој направил добивка пред оданочување од 120.000 евра со приход од 220.000 евра;

    НОТАР МЕТОДИЈА РИСТОСКИ од Скопје кој направил добивка пред оданочување од 100.000 евра со приход од 205.000 евра.

    ЗА ШТО ЗЕМААТ ПАРИ НОТАРИТЕ?

    Нотарите наплатуваат според Нотарска тарифа, донесена во 2016 со една измена од 2019 година. Со Нотарската тарифа се определува наградата за работата и надоместокот на трошоците во вршењето на службените дејствија од делокругот на работата на нотарот.

    „Надоместокот на нотарот за извршените службени дејствија се определува според реално направените трошоци за изработка на одделни нотарски исправи, надоместокот за службените дејствија преземени надвор од нотарската канцеларија, надоместокот за превоз, надоместокот за достава, како и надоместокот за писмени барања или известувања кои нотарот ги упатува спрема учесниците во постапката или други државни органи и институции“, пишува во Нотарската тарифа.

    Вториот дел од исплататз на нотарот е нотарската награда. А тука, колку е повеќе проценет предметот, толку повеќе си добива и нотарот. Па, на пример, како што пишува во Нотарската тарифа: „Проценетата пазарна вредност на недвижниот имот претставува основ за определување на наградата за нотарските дејствија, особено за составување на нотарски акт и потврдување на приватна исправа (солемнизација)“. Или пак: „Кај договорите за закуп вредноста на предметот на службеното дејствие се определува според вредноста на едногодишна закупнина“.

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично