Просечната плата во октомври е 38.843 денари (630,5 евра). Во бруто-износ – 58.349 денари (947 евра), објави Државниот завод за статистика. Притоа, наведува дека индексот на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во октомври годинава, а во однос на истиот месец лани, изнесува 117.3.
Во септември просекот беше 37.876 денари (615 евра). Регистрираното зголемување првенствено се должи на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: јавна управа и одбрана; задолжително социјално осигурување (26,2%), снабдување со вода; отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината (20,2%), снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација (20%).
Од Статистика посочуваат дека месечен раст на просечната нето-плата е забележан во дејности во врска со недвижен имот (8,2%), финансиски дејности и дејности на осигурување (6,5%), дејности на здравствена и социјална заштита (4,6%).
Вообичаено, највисокиот просек е во дејноста информации и комуникации – 70.877 денари (1.150 евра). Каде што отскокнуваат вработените вброени во омпјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности со просечните 92.631 денар (1.503 евра).
Најнизок е просекот во објекти за сместување и сервисни дејности со храна, каде што се работи за износ од 28.817 денари (467 евра). Убедливо, пак, најмали се просечните плати во услуги поврзани со одржување на згради и дејности на уредување и одржување на животната средина и природата – 22.723 денари (368 евра)
За споредба со просечните примања, во десеттиот месец од годинава минималната синдикална кошница изнесувала 46.198 денари (750 евра). Во структурата доминантни со 44,06 отсто се храната и пијалоците, за кои требало да се одвојат 19.668,36 денари (319 евра). Со 30,73 проценти е застапено домувањето -13.716,86 денари (222 евра). Или, само за намирување на овие основни потреби и обврски е потребна речиси цела просечна плата.