Во март паричната маса е намалена за еден отсто на месечна основа, а причината во најголем дел се поврзува со падот на краткорочните депозити и депозитните пари, додека готовите пари во оптек бележат раст. На годишна основа, паричната маса оствари раст од 6,6 насто, пред сè како резултат на повисоките депозитни пари и краткорочните депозити, при дополнителен позитивен придонес и на останатите компоненти, се вели во анализата на Народната банка.
Кај вкупните депозити е забележан месечен пад од 0,9 отсто. Според толкувањето од Централната банка, тоа се должи на намалените депозити на корпоративниот сектор. На годишна основа, пак, вкупните депозити се зголемени за 6,8 насто како резултат на растот на депозитите на двата сектори, но со поголем придонес на домаќинствата.
Конкретно, вкупните депозити бројат 485,889 милиони денари или 7,8 милијади евра, а во февруари состојбата била 490,072 милиони денари, односно 7,9 милијарди евра.
Депозитите на корпоративниот сектор во март изнесувле 134,347 милиони денари или 2,1 милијарда евра, за разлика од февруари кога биле 2,2 милијарди евра(137,433 милиони денари).
Уделот на домаќинствата е со 5,2 милијарди евра (326,468 милиони денари) во март, што е речиси исто со февруарската состојба од 326,064 милиони денари.
Во сегментот кредити, вкупната вредност во март е зголемена за 0,7 на месечно и за 6,6 проценти на годишно ниво. Притоа, месечниот и годишниот раст се резултат на зголеменото кредитирање кај двата сектора, со поизразен придонес на кредитите на населението, односно домаќинствата.
Вкупни кредити се во износ од 6,866 милијарди евра (423,239 милиони денари), а во февруари се работело за 6,822 милијарди евра или 420,486 милиони денари.
Во овие рамки, корпоративниот сектор е задолжен со 203,297 милиони денари, односно 3,29 милијарди евра, а еден месец претходно со 3,28 милијарди евра (202,286 милиони денари).
Кога станува збор за кредитите на населението, тие во март имале долг кон банките од 3,52 милијарди евра (217,462 милиони денари). Износот е повисок од февруарскиот – 3,50 милијарди евра (215,824 милиони денари).
Анализите на Народната банка покажуваат дека во март вкупните депозити на корпоративниот сектор се намалени за 2,2 отсто на месечно ниво, што се толкува со падот на депозитните пари, а при остварен пад и на краткорочните и долгорочните депозити во странска валута, додека краткорочните депозити во денари забележаа раст. Споредено на годишна основа, депозитите на корпоративниот сектор се повисоки за 5,9 насто, како резултат на зголемувањето на краткорочните депозити во девизи, на депозитните пари и краткорочните депозити во денари, во услови на пад кај долгорочните депозити во странска валута.
Од друга страна, кредитите на корпоративниот сектор во март бележат месечен раст од 0,5 и годишен раст од 6,2 проценти. Анализирано по валута, растот кај двете основи е резултат на повисоките кредити во денари и во девизи, но со поголем придонес на девоизните задолжувања.
Од Централната банка посочуваат дека мартовските депозити на граѓаните забележале минимален месечен раст од 0,1 насто, што се должи на зголемените долгорочни депозити во денари и во девизи. На годишна основа влоговите на домаќинствата се зголемени за 8,4 насто, главно како резултат на повисоките депозитни пари и долгорочните и краткорочните депозити во девизи.
За регистрираниот раст на задолжувањето на граѓаните, од НБРМ појаснуваат дека нагорната месечна и годишна промена произлегува од зголемената побарувачка на кредити и во денари и во странска валута, но со поизразен удел на кредитирањето во девизи.
Според намената, најзастапени се потрошувачките и станбените кредити и тука е е остварен месечен раст од 0,9 и 0,8 насто, при годишен раст од 6,2 и 11,7 проценти, соодветно. Кредитите за купување автомобили се намалени за 0,5 проценти на месечно ниво, додека на годишно ниво се зголемени за 9,9 насто.
Задолжувањето преку кредитни картички бележи месечен и годишен раст од 0,4 и 0,5 насто,
соодветно, додека кај негативните салда на тековни сметки е забележан месечен раст од 0,5, при годишен пад од 0,2 проценти. Кредитите одобрени врз други основи се пониски за 2,1 отсто на месечна основа, додека на годишна основа се намалени за 16,1 процент.