ПОВЕЌЕ

    Регионален хакатон за финтек-секторот на Централната банка на Црна Гора „Запознај го својот клиент – лесно и сигурно”

    Време зa читање: 3 минути

    Централната банка на Црна Гора (ЦБЦГ), во соработка со „ИЦТ кортекс” и Асоцијацијата на банки на Црна Гора, втора година по ред ја организира меѓународната Конференција за финтек-секторот и хакатонот за финтек-секторот на ЦБЦГ, натпревар од областа на примената на финансиските технологии. Хакатонот ќе се одржи од 7 до 9 октомври 2022 година во виртуелна форма.

    Во рамките на досегашната успешна соработка, Народната банка на Република Македонија се вклучи во организацијата на регионалниот настан, учествувајќи во промовирањето и организирањето на претстојниот хакатон, давајќи им поддршка на колегите од Црна Гора.

    Темата на хакатонот е „Запознај го својот клиент (ЗСК) ‒ лесно и безбедно” (Know Your Customer (KYC) – Easy and Secure), на кој треба да се даде идеја и програмско решение за едноставен и безбеден начин на идентификација со намера да им се овозможи побрз и поедноставен пристап на граѓаните и клиентите кои доаѓаат од приватниот и од јавниот сектор при користењето на услугите. ЗСК е основа на многу дигитални услуги коишто веќе се користат, намалувајќи ги трошоците, зголемувајќи го обемот на поволности и брзината на користење, без да се загрози безбедноста и приватноста на корисниците.

    Процесот ЗСК веќе е основа на многу дигитални услуги, како што се: отворање банкарски сметки, потврдување на трансакциите, управување со кредитите, услуги на е-влада, услуги за осигурување, потпишување документи. 

    Се очекува дека натпреварувачките екипи ќе дојдат до идеја и програмско решение со голем потенцијал на финансискиот и банкарскиот пазар, благодарение на кои граѓаните како крајни корисници ќе имаат полесен пристап до финансиските и / или до другите институции. Екипите можат да изберат некој од постоечките или сосема нов пристап за спроведување на ЗСК.

    Натпреварот е отворен за екипи од три до пет члена од Црна Гора, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и од Македонија. Жирито ќе избере пет од пријавените екипи, коишто ќе добијат можност да се натпреваруваат за награди.

    Централната банка на Црна Гора ќе ја  награди најдобрата екипа со парична награда од 12.000 евра, додека „Мастеркард” ќе го награди најдоброто решение од Црна Гора со 3.000 евра. 

    Пријавите за хакатонот за финтек-секторот на ЦБЦГ, како и сите потребни информации за условите на натпреварот, се достапни од денес на врската. 

    Отворањето на хакатонот ќе биде на 7 октомври 2022 година, како дел од Конференцијата за финтек-секторот на ЦБЦГ „Улогата на финтек-секторот во демократизацијата на финансиското опкружување”, на која покрај претставници на централните банки на Европа и Азија и меѓународни финтек-компании, ќе учествуваат и Европската банка за обнова и развој, компанијата „Мастеркард”, како и црногорскиот банкарски и ИКТ-сектор.

    Организирањето на Конференцијата за финтек-секторот и хакатонот на Централната банка на Црна Гора е со цел да се промовираат и да се поттикнат иновациите во областа на финансиските технологии, како и да се унапредат дигиталните, пред сѐ банкарските и платежните услуги. 

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично