ПОВЕЌЕ

    Небанкарските финансиски друштва и во криза им одобриле кредити на граѓаните од 3,5 милијарди денари

    Време зa читање: 5 минути

    Според статистиката на Народната банка на Северна Македонија, во рамките на финансискиот систем на Северна Македонија, вкупните средства на останатите (небанкарски) финансиски институции во 2020 година бележат годишен раст од 12,8%.

    Средствата на финансиските друштва имаат годишен раст од 14,1%. На крајот на 2020 година, вкупните средства на финансиски друштва изнесуваат околу 5 милијарди денари, а најголем дел  од нив или 89% се однесуваат на побарувањата од приватниот сектор. Кредитите одобрени на населението на крајот на 2020 година се околу 3,5 милијарди денари, додека кредитите одобрени на фирмите се околу 980 милиони денари. Споредено со крајот на 2019 година, кредитирањето на населението бележи раст од 24,3%, додека на фирмите е намалено за 4,6%.

    Двоцифрениот годишен раст на кредитите на населението во 2020 година е остварен и покрај значајното нарушување на билансите во текот на годината, како резултат на состојбите од пандемијата на Kовид. Небанкарските финансиски друштва, кои се комплементарни на традиционалниот финансиски систем во кредитната поддршка на приватниот сектор, и под вакви предизвикувачки услови дадоа поддршка во надминување на негативните ефекти предизвикани од Ковид кризата. Во натамошниот период ќе продолжи нивната поддршка кон приватниот сектор со цел полесно опоравување на економијата од шокот предизвикан од пандемијата.

    Маја Кадиевска Војновиќ, финансиски експерт и поранешен Вице Гувернер на Народната Банка на Северна Македонија смета дека овие бројки се охрабрувачки. „Интензивната кредитна поддршка на населението од страна на финансиските друштва и во услови на Ковид криза е за поздравување. Оваа трансформација на пазарот на кредити којашто се случува во светски рамки не ја заобиколи ни домашната економија. Брзиот раст на алтернативното кредитирање надвор од традиционалните канали е особено изразено во последните неколку години и треба да продолжи. Растечката кредитна поддршка на населението и на фирмите од страна на финансиските друштва, кои се комплементарни на традиционалните кредитори – банките и штедилниците, укажува дека постои потреба за зголемување на степенот на финансиска интермедијација и финасиската вклученост во домашната економија“ – оценува Кадиевска Војновиќ.

    Улогата на финансиските друштва е особено изразена на сегментот на потрошувачки кредити, но не изостанува ни поддршката на микро и малите фирми. Воедно, користењето на современите достигнувања во технологијата, односно на дигитални канали и нови бизнис модели од страна на голем дел од финансиските друштва преставува позитивен чекор за приклучување кон дигиталното време.

    Северна Македонија мора да се вклучи на новото дигитално време и мора да ги искористи предностите коишто ги нуди современата технологија. Кадиевска Војновиќ укажува дека потребна е Стратегија за развој на финтек индустријата во Република Северна Македонија. „Во неа треба да се почне од дефинирање на јасни цели, а тоа е дека FinTech-от влијае на зголемување на финансиската инклузија на населението, го подобрува пристапот до финансии и за микро, малите и средни претпријатија, го зголемува протокот на парите во економијата или со еден збор, ја зголемува вкупната моќ на економијата. Воедно, работењето на финтек компаниите ја зголемува конкуренцијата и ги поттикнува иновациите во рамки на традиционалните даватели на финансиски услуги, а иновациите се својствено дефлаторни, односно имаат пониски цени на финансиските производи и услуги. Од влезот на FinTech-от сите ќе имаме полза“, заклучи Маја Кадиевска Војновиќ.

    Покрај креирање стратегија, соодветната регулатива треба да овозможи развој на FinTech во нашата држава. Исто така, потребно е сите регулатори да се спремаат за новото време. Во овој контекст, дијалогот со регулаторот за стабилноста на секторот на финансиските друштва сега е како никогаш порано повеќе од потребна.

    „2021 година ја гледаме како година на Финтекот во нашата земја и очекуваме забрзани активности од страна на регулаторот и институциите во насока на подршка на развојот на овој сектор во Северна Македонија. Ценам дека небанкарските финансиски друштва кај кои Финтекот е интегриран во основата на нивното работење, а особено членството на АФД како едни од технолошки најнапредните небанкарски финансиски друштва во нашата земја, располагаат со одлично знаење и експертиза во областа, и можат да понудат значајна поддршка за креирање на стратегиите“ – изјави Филип Димитровски, Претседател на Асоцијацијата на Финансиски Друштва на Северна Македонија.

    За илустрација, согласно податоците од последниот Извештај за финансиска стабилност од 2019 година на Народната банка на Северна Македонија, банките учествуваат со 81,4% во вкупните средства на финансискиот систем, а евидентно во последните неколку години, расте учеството на небанкарските финансиски друштва, и тоа до 0,6% од вкупните средства на финансискиот систем.

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично