Асоцијацијата на финансиски друштва на Северна Македонија (АФД) ги израдува децата од Посебното основно училиште „Д-р. Златан Сремец“ со новогодишни пакетчиња. Претставници на Асоцијацијата заедно со Дедо Мраз, денеска поделија околу 100-тина пакетчиња за сите ученици од училиштето.
„Од името на учениците и вработените во ПОУ„д-р Златан Сремец“ Од срце Ви благодариме за донацијата- новогодишни пакетчиња , навистина ни е драго што денес АФД се одговорни за големиот број детски насмевки, луѓето како Вас, ги прават празничните моменти незаборавни.“, изјави Марија Делетиќ, директорка на ПОУ „Д-р. Златан Сремец“,
Со оваа донација, Асоцијацијата на финансиски друштва уште еднаш ја докажува својата посветеност и определба да реализира општествено одговорни практики кои овозможуваат придобивки за различни групи и сегменти на заедницата.
„Овие денови се потсетуваме дека треба да посветиме повеќе внимание на заедницата. Бидејќи празниците се време на љубов и дарување, ни претставува особено задоволство што со овој наш скромен гест, измамивме искрени насмевки и радост кај децата. Целта на оваа донација пред сè е да ги израдуваме децата, но истовремено, да пратиме и порака дека сите ние како активни чинители на заедницата имаме обврска да бидеме дел од креирањето на инклузивно општество, во и надвор од областа во која делуваме.“, изјави Јана Никодиновска, Генерален Секретар на АФД.
Посебното основно училиште „Д-р Златан Сремец“ е јавна установа за образование на деца со пречки во психофизичкиот развој кое што работи според специјализирани програми за ученици со интелектуална попреченост, аутизам и комбинирана попреченост, обезбедувајќи модерно образование и рехабилитација на децата преку поттикнување и развој на нивните способности и вештини.
Асоцијацијата на финансиски друштва на Северна Македонија и нејзините членки ФД Тиго Фајнанс, ФД Иуте кредит, ФД Мого, ФД Дигитал фајнанс, ФД Кредисимо, ФД М-Кеш и СН Финансиско друштво, вложува големи напори за обезбедување унифицирани стандарди за квалитет на индустријата, еднаквост и етика, промоција на сигурни, општествено одговорни и одржливи практики на кредитирање, промоција на можностите што ги нудат небанкарските финансиски технолошки решенија, а кои ќе бидат од корист на поединците и општеството, како и изградба на конструктивен дијалог и дизајнирање среднорочна стратегија за одржлив развој на индустријата заедно со надзорните органи, регулаторот и законодавецот во државата.