Кинеските власти преземаат обемни мерки во борбата против новиот вид коронавирус (COVID-19), a една од нив е и дезинфекција на банкнотите.
Според кинеските медиуми, Централната банка на Кина соопшти дека започнала да ги дезинфицира банкнотите коишто во претходниот период биле во оптек.
Дезинфекцијата на банкнотите се врши со ултравиолетови зраци и висока температура, а планот е користените банкноти да останат во каса од седум до 14 дена, пренесува агенција Анадолија.
Се наведува дека банките можат по потреба да даваат нови и неискористени пари на клиентите, додека банкнотите кои се во „карантин“ ќе бидат повторно пуштени во оптек по завршување на периодот на набљудување.
Националната здравствена комисија на Кина (NHC) во неделата соопшти дека во изминатите 24 часа починале 142 заразени лица, со што бројот на починати од опасниот вирус во таа земја се зголеми на 1.666.
Досега, потврдена е зараза од вирусот 2019-nCoV кај вкупно 68.500 пациенти, а само во изминатите 24 часа потврдени се 2.009 случаи на болеста која официјално е именувана како COVID-19.
Корона вирусот се појави кон крајот на минатата година и брзо се прошири низ кинескиот град Вухан, а се потврдени заразени случаи во повеќе од 20 земји ширум светот.
Извор: Bankar.rs