ПОВЕЌЕ

    Субординиран долг-потенцијален извор на финансии

    Време зa читање: 3 минути

     Актуелната здравствена криза, која прерасна во финансиска, на испит ги стави скоро сите компании без разлика на големината, капиталот и годишниот обрт. Сите придружни елементи на деловното функционирање беа доведени во прашање, но сепак најголемиот акцент беше ставен кон обртните средства.

    Во услови кога инвестициските планови се ставени на маргините на менаџерските одлуки, потребата од дополнителни обртни средства прерасна во една трка во која компаниите бараат се повеќе финансиска поддршка, банките се на некој начин воздржани и многу внимателно раководат при алокацијата на расположливите средства, додека државите ги трошат и последните заштеди, а многу од нив и го зголемија задолжувањето, се со цел да ја одржат националната економија.

    Од друга страна голем број на инвеститори останаа со намален број на алтернативи, односно сегменти во кои ќе ги пласираат своите средства. Пазарот на акции е доста нестабилен, каматните стапки на орочените депозити се неатрактивни, додека криптовалутите сеуште не ја изградиле потребната доверба.

    Сето ова земено во предвид на површина го исфрла субординираниот долг како начин на инвестирање во атрактивни бизниси. Бизниси кои и после 3 квартали, успеваат да се носат со сите предизвици на кризата, бизниси кои пронашле начин да го одржат нивото на работење на исто, или повисоко ниво, кои немаат проблем со наплата и кои потенцијалот на колективот го користат за иден раст.

    Секако дека овие бизниси се можеби 10 или 20 проценти од целокупниот бизнис сегмент, но сепак доколку истите се детектираат, претставуваат солидна основа за идна финансика соработка. Потенцијалот на афирмацијата на субординираниот долг се наѕира во текот на наредната година, кога овие бизниси ќе бидат неколку чекори понапред од конкуренцијата и кога веќе ќе размислуваат за идни финансиски инвестиции. За тоа да го постигнат неминовно е дека ќе им треба дополнителен капитал, а тој капитал може да го обезбедат преку издавање на обврзници кои ќе имаат третман на субординиран долг.

    Со финансиски речник, суборнидинираниот долг се карактеризира како долг кој има второстепено првенство при наплата. Со други зборови, доколку една компанија која на салдото обврски има обврски кон добавувачи, банки и субординиран долг, последниот ќе биде трет на листата за исплата доколку компанијата пропадне и врз неа се спроведе стечајна постапка. Од аспект на инвеститорите, субординираниот долг е од повисок степен на ризик, меѓутоа истиот се компензира со одредени придобивки.

    На страната на придобивките пред се најбитниот елемент е висината на каматната стапка, која во секој поглед ја надминува било која каматна стапка на пазарот, после тоа следи најчесто кварталната или полугодишната купонска исплата од обврзниците и на крај брзиот начин на склучување на договор и едноставната административна процедура.

    Овој начин на финансирање е доста развиен во западна Европа и САД, а инвестициските фондови се на самиот почеток да ја пласираат ваквата структура во земјите од поранешна Југославија.

    Пристапот е едноставен, инвестициските куќи поседуваат доста искуство и поткрепени се со адекватно ниво на знаење за да го спроведат процесот, кај бизнисите оваа идеја треба да биде прифатена како добра алтернатива за банкарските кредити, но од аспект на инвеститорите се најавува одредено ниво на скептицизам.

    Тој скептицизам како што одминува времето ќе се намалува, со тоа што на површина ќе излегуваат здравите и во полна кондиција компании, а токму оваа криза ќе биде катализатор на тој процес на детекција и сигнализирање на одредени стабилни компании.

    Автор: Стручен соработник на Пари

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично