ПОВЕЌЕ

    ПРЕМИЕРОТ БАРА ФЕР ВРЕДНУВАЊЕ НА ТРУДОТ, ССМ апелира скратете ги платите со европско знаменце

    Време зa читање: 4 минути

    Треба да се дојде до решение кое ќе направи фер вреднување на работата на секого, е ставот на премиерот Димитар Ковачевски по прашањето на корекцијата на функционерските плати. Тоа е вели едната опција, додека другата би требало да се бара во сосема спротивниот правец за да се донесе популистичко решение. Наспроти мислењето на премиерот е предлогот од Сојузот на синдикатите – функционерските плати да се намалат за 78 отсто, со употреба на европско знаме и без консултации.

    Како што посочи Ковачевски, работната група која ќе работи на оваа проблематика, односно на корекции во Законот за платите  треба да ги има на располагање сите аспекти, бидејќи се работи за два законски акти со кои се регулираат примањата на избраните и именувани лица, како и на пратениците.

    „Платите на функционерите се регулираат со два закони. Тоа е Законот за именувани и избрани функционери, со кој се регулира платата на претседателот на државата, претседателот на Собранието, на членовите на Владата, на сите градоначалници, на сите судии, обвинители и Закон за пратеници, со кој се регулирани платите на пратениците. Прво треба да се дојде до решение кое ќе направи фер вреднување на работата на секого. Тоа е едната опција. Другата опција е да се оди во сосема друг правец и да се прави популистичко решение“, изјави Ковачевски како одговор на новинарско прашање при посетата на компанијата „Глобус“.

    Сепак, предупреди, досега две популистички решенија паднаа пред Уставниот суд. Потсети дека тоа беше во времето на замрзнати платите на функционерите, а „секретарка во АЕК имаше поголема плата од министер за финансии или од претседател на држава“. Со второто решение, пак, „се отиде во уште една крајност, а тоа е кога се кажа дека функционерите ќе земаат минимална плата, па Уставниот суд исто така го поништи, бидејќи во државата постои систем на плати кој не може да биде дерогиран“.

    Во меѓувреме се произнесоа од Синдикатот, откако вчера на оваа тема се пласираа мислења дека корекците нема да се случат за брзо време, со препорака до Владата – да не бара изговори и да не го одложува намалувањето на функционерските плати.

    „Апелираме до Владата, да не бара изговори за процесот со намалување на функционерските плати, туку да го примени веќе воспоставениот принцип како кога носи закони на штета на работниците и со злоупотреба на европското знаменце, без широки консултации, без дијалог и без да се грижат за одлуките на Уставниот суд, како што тоа го направија за воведување на 72-часовната работна недела или, пак, сега кога сакаат да ја тргнат минималната плата од Законот за административни службеници, и да достави до Парламентот предлог на Законот со кој ќе ги намалат функционерските плати за 78%“, велат од ССМ.

    Притоа, оттаму сметаат дека не е потребно многу време за да се направи измената. А, веќе доставиле и предлог до пратениците кои, како што тврдат од ССМ, три месеци молчат. Истото решение и го сугерираат и на Владата.

    Во Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието и на другите избрани и именувани лица треба да се смени член 11, е предлогот на ССМ. Според нив, по ново, треба да гласи: „Основица за пресметување на платата започнувајќи со исплатата на платата за месец септември 2023 година е минималната плата објавена во Службен весник за претходната година објавена од страна на Министерството за труд и социјална политика“.

    „Укажуваме дека работниците живеат од плата без право на храна и превоз, а добро е што конечно функционерите, како министерот за надворешни работи, разбраа дека треба да се живее од плата, но нивните плати се колку 6 минимални плати, а имаат право на службени возила, обезбедување, ручеци, трошоци и други бенифиции“, пишува во апелот од ССМ.

    Можноста за промена кај функционерските плати прв официјално ја соопшти вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, кој рече дека дел од тие пари ќе завршат во антикризниот пакет кој се подготвува како помош за најранливите граѓани.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично