ПОВЕЌЕ

    Кои се предизвиците на современата економска политика?

    Време зa читање: 4 минути

    Економската политика е еден од најважните фактори за економскиот развој. Во овој контекст, како најважни се сметаат фискалната и монетарна политика, но исто така не треба да се занемари улогата и на другите политики, како што се аграрната, индустриската политика, политика на јавен долг итн. Улогата и значењето на фискалната политика е во нејзината функција на обезбедување средства за функционирање на целокупниот општествен систем.

    Монетарната политика својата функција ја реализира во делот на монетарните активности, односно во делот на понудата и побарувачката на парични средства, каматни стапки, инструменти за плаќање итн. Надлежностите од сферата на фискалната политика во најголем дел се во рацете на централната власт, додека во делот на монетарната политика се надлежност на централнaта банка.

    Современиот концепт на менаџирање на економската политика се базира на реализација на економски програми кои се спроведуваат во рамките на законските надлежности на субјектите кои се одговорни за спроведување на мерките на фискалната, односно економската политика.

    Економската теорија и пракса препознава рестриктивна и експанзивна монетарна и фискална политика. Експанзивната фискална политика се однесува на намалување на даноците и зголемување на трошењата, додека рестриктивната се однесува на спротивен случај, на зголемување на даноците и намалување на трошењата. Во случајот на експанзивната монетарна политика имаме зголемување на паричната маса во оптек со цел зголемување на економската активност, додека рестриктивната економска политика се користи во случаи кога имаме зголемена економска активност која не е фундаментално поткрепена.

    Еден од најважните ефекти во економијата е ефектот на мултипликација. Функционирањето на истиот е со зголемување на побарувачката кај економските агенти. Со зголемувањето на побарувачката се врши притисок на понудата и истата се зголемува. Ова практично значи дека нарачките кај економските субјекти ќе резултираат со нови приходи, нови вработувања и добивка за компаниите. Импулсот од новите набавки, вработувања и добивка кај компаниите дополнително ќе ја зголемуваат побарувачка и во континуитет ќе се врши притисок врз потрошувачката. Сето ова се нарекува ефект на мултипликација и од една почетна точка на рамнотежа имаме континуитет во зголемување на економската активност иницирана од зголемената побарувачка. Едни од најдобрите иницијатори на побарувачката и поттикнување на спиралата на економската активност се монетарните и фискалните мултипликатори поради нивното директно влијание врз побарувачката, односно потрошувачката.

    Според ова, еден најважните аспекти и приоритети при менаџирање на економските политики на краток и среден рок е позиционирањето на фискалните и монетарните мултипликатори на ниво кое ќе овозможи развој, конкурентност, како и стабилна пазарна и институционална рамка. Фискалните мултипликатори своето функционирање го базираат на мултипликативниот ефект врз економијата преку буџетските расходи и трошења, односно преку мултипликативниот ефект зголемената или намалената парична маса во оптек во случајот на монетарните мултипликатори. Вака претставени мултипликаторите укажуваат на неверојатен потенцијал за стимулирање при менаџирање на економската политика и економскиот раст и развој.

    Успешно менаџирање во делот на фискалната политика преку оптимизација на фискалните мултипликатори значи мултипликација на ефектот од фискалните расходи и директен инпут во бруто-домашниот производ и неговиот раст, како и во забрзување на економската активност на сите субјекти. Во случајот на монетарната политика, мултипликативниот ефект на зголемената парична маса во оптек ќе значи повеќекратно зголемување на економската активност.

    Некои од ризиците кои се однесуваат на фискалните политики, се поврзани со намалување на конкурентноста, преголеми даночни оптоварувања за финансирање на фискалните расходи, непродуктивни и неефикасни трошоци без повратен директен ефект во економијата. Најчести ризици поврзани со монетарните политики се однесуваат на појавата на високи нивоа на инфлација, девалвација, високи каматни стапки итн.

    Сепак, можеби еден од најважните предизвици во однос на успешни економски политики е стабилното економско опкружување. Практично, ова значи дека бизнис опкружувањето, односно регулативата и макроекономската рамка ќе бидат непроменети и предвидливи. Ваква ситација им овозможува на бизнисмените да се фокусирааат на нивото на бизнис ризик на кое се спремни и моќни да го преземат во своите бизнис активности, инвестиции и развојни планови. Предвидливиот бизнис амбиент практично значи дека бизнисмените можат да имплементираат среднорочни и долгорочни развојни планови и да се фокусираат на заштита од ризик фактори со глобално влијание, како што се цени на енергенси, трендови на нова технологија, флуктуација на девизните курсеви итн.

    Автор: Душко Тодевски 

    Авторот е магистер по финансиски мeнаџмент и докторанд

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично