ПОВЕЌЕ

    Повторно пред Уставен суд оспорени законите за облигациони односи и за извршување со кои застаруваат долговите

    Време зa читање: 3 минути

    Физичкото лице Предраг Баришиќ до Уставниот суд поднесе иницијатива за оценување на уставноста на член два (2) и четири (4) од Законот за облигациони односи со кој застаруваат побарувањата на должниците кои се предмет на извршување. Тој смета дека овие измени се спротивни на Уставот и дека долговите и извршувањето не треба да застарат. Оваа инцијатива доаѓа после 10 јануари, кога Судот имаше седница и донесе одлука да не поведува постапка за оценување на Законот за измена на Законот за облигациони односи и на Законот за извршување.

    Баришиќ од Судот побара да утврди дека членот два (2) од Измените на Законот е не се уставни и затоа побарувањата да не застаруваат за пет години, а извршувањето за 10 години.

    Инаку, Уставниот суд на седницата на 10.01.2024 година кога реши да не поведува постапка за оценување на Законот за измена на Законот за облигациони односи и на Законот за извршување, според неофицијалните проценки, придонесе дефинитивно да застарат околу 350.000 предмети кои до 2013 година се дадени на извршување од страна на компаниите, но и на граѓаните. Според информациите, одлуката не е донесена едногласно, а дел од уставните судии сметале дека измените на законите за облигациони односи и за извршување, со кои предметите застаруваат после 10 години и каматата не може да го надмине износот на главниот долг, е против уставна.

    По ваквата одлука на Уставен суд, освен оваа најнова иницијатива со реакција во јавноста излегоа повеќе адвокати и адвокатски канцеларии кои сметаат дека со ваквите измени на Законот за облигациони односи и на Законот за извршување, директна штета ќе трпат граѓаните кои имаат пари за наплата од своите должници. Наведоа дека во пет случаи граѓаните ќе имаат директна штета и тоа при следново:

    1. Постапки за т.н алиментација односно исполнување на обврска на родители за плаќање надомест за издршка на малолетни деца.
    2. Постапки во кои во услови на несреќен случај настапува смрт, телесна повреда или оштетување на здравјето.
    3. Постапки за остварување на правото на сопственост или сопственички постапки.
    4. Постапки од работни односи за исплата на плата и други надоместоци од работен однос.
    5. Постапки од должничко-доверителски односи.

    Исто така, одлуката на Уставниот суд, предизвика минатата недела дел од судовите и правните експерти да имаат стручна дебата околу примената на Законот за облигациони односи со чии измени од средината на минатата година застаруваат долговите при извршување. Начинот на примена на изменетиот Закон ги збуни правните институции и експертите, кои реагираа дека во пракса, ваквото законско решение, создава хаос. Поради ваквата тешка применливост во реалноста, најверојатно ќе се бара правно мислење од Врховен суд, за да има воедначена примена на одредбите од Законот за облигациони односи. Поради овие нејаснотии, експертите од областа на правото, практичари, но и универзитетски професори ќе иницираат јавна дебата.

     

    Поврзана вест

    Застарување на долговите при извршување отворија правна нејаснотија за судовите

     

    Автор на текстот: ГОРАН ТЕМЕНУГОВ новинар

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично