ПОВЕЌЕ

    ПОНУДАТА И ПОБАРУВАЧКАТА ВО РАСЧЕКОР: И покрај 100 илјади невработени – работна сила нема

    Време зa читање: 4 минути

    Македонските готвачи, келнерите, шанкерите… ја „открија“ Хрватска. Наскоро таква можност ќе им даде Чешка на земјоделците, шумарите, на лицата со знаења и вештини во областа на прехранбената индустрија. Кога има недостиг од работна сила се посега по мерки за привлекување работници од странство. Тоа го направи неодамна и Македонија, со зголемувањето на квотата за увоз на странски работници. Од пет на седум илјади. Зашто, проценката е дека сме кусок од десет илјади лица, особено во градежништвото и угостителството.

    Работодавачите, кои постојано укажуваат на расчекорот меѓу потребите на фирмите и понудата на работна сила на домашниот пазар на трудот, сметаат дека зголемувањето на квотата само делумно ќе го ублажи проблемот. И, веќе идната година ќе се покаже недоволна.

    Во соработка со агенциите кои посредуваат при увозот на работници и кои вршат услуги во подготвувањето на обемната документација, компаниите се обидуваат да пополнат дел од празните места во своите капацитети.

    Нашата, пак, Агенција за вработување, со обработените податоци заклучно со октомври, вели дека во државата има 103.147 невработени (од кои повеќето од половина – 53.205 се жени) и уште 44.467 други лица кои барат работа. Бројките се пониски од јануари, кога биле евидентирани 111.896 и 46.064. Или, по десет изминати месеци, кај невработените има минус 8.749, а кај „другите“ 1.597.

    Што се однесува до слободните работни места, нивниот број дневно се менува. На пример, во четвртокот на 14 декември беше 9.522, утредента 9.045, па 9.784.

    Инаку, од прегледот на АВРМ може да се забележи дека најголемиот дел од невработените се пријавени во Скопје – 21.455, па следуваат Тетово со 13.049 и Куманово со 11.220 евидентирани лица. На дното од листата е Кратово, каде што има 458 невработени.

    Според возрасната структура, очекувано, најбројна е таканаречената критична група „ни за работа ни за пензија“ од 55 до 59 години со 15.501 лице (жени 7.876), а веднаш зад неа, со 13.936 невработени (5.099 жени) се оние кои наполниле повеќе од 60 години. Всушност, тоа се 29.437 лица кои имаат претходно искуство во одредени дејности.

    Наспроти нив се младите, 19.328 на број распределени во три возрасни групи (од 15 до 19, 20-24 и 25-29 години).

    Од оние, пак, за кои се смета дека можат најмногу да придонесат, затоа што има добро преклопување на возраста и искуството, вкупно 27.353 се на списокот на АВРМ. Класифицирани се во четири возрасни групи (30 до 34, 35 до 39, 40 до 44, 45 до 49 години).

    Од аспект на школската подготовка, најтешко до работа доаѓаат тие без или со основно образование. На крајот од октомври се запишани 61.620 лица (жени 33.037). Со завршено средно образование на работно место се надеваат 24.778 граѓани (жени 12.230).

    Како се зголемува степенот на образовното ниво, така се намалува бројноста во категориите – со високо образование, а без работа се 6.587 лица (жени 4.279). Без работен ангажман, барем според статистиката на АВРМ, се и 552 магистри, од кои 357 жени. Доктори на науки се 13 (седум жени), пријавени по еден во Битола, Тетово и Штип, и по двајца во Кичево и Куманово.

    Изгледа неверојатно, но таква е евиденцијата на АВРМ: повеќе од осум години работа чекаат 13.083 лица. Веројатно, безнадежно делува врз оние 13.406 кои се со најмал стаж на чекање, од еден до пет месеци. Инаку, најбројна – 16.514, е групата на чекање од четири години.

    Во текот на октомври во АВРМ се пријавиле 3.966 лица (2.185 жени) со статус невработен. Меѓу нив, за прв пат во евиденцијата влегле 579 граѓани. Поголемиот дел од 2.166 се соочиле со престанок на работниот однос. Што се однесува до движењето во спротивната насока, се одјавиле 6.176 лица, од кои 3.578 се вработиле.

    Работна сила има, по работна сила се трага. Додека работодавачите бараат да се олесни постапката за увоз на работници, домашните го наоѓаат патот до странските работодавачи.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично