ПОВЕЌЕ

    Плодната земја не смее да се жртвува за правење струја, апелираат од Еко-свест

    Време зa читање: 4 минути

    Еколошката огранизација Еко-свест побара од Владата измените и дополнувањата на Законот за земјоделското земјиште да бидат итно повлечени, а надлежното МЗШВ да донесе одлука со која ќе се забрани негова пренамена во градежно земјите за развој на енергетски проекти или други неземјоделски цели.

    Со измените на Законот за земјоделско земјиште кој минатата недела беше објавен на ЕНЕР, Владата предвиде фотонапонски централи и ветерници да може да се градат и на најдоброто земјоделско земјиште во Македонија. Министерството за земјоделство предлага големите странски стратешки инвеститори да може да градат енергетски објекти на најплодните земјоделски површини од прва, втора, трета и четврта класа.

    УНИШТУВАЊЕ НА НАЈПЛОДНОТО ЗЕМЈИШТЕ

    Пред точно една година, Владата ја предвиде можноста земјоделско земјиште од петта до осма класа да може да се користи за поставување на фотоволтаици и други објекти за производство на енергија од обновливи извори, на што реагираа земјоделците со образложение дека се уништува почва која, исто така носи приноси во храна. Сегашните предложани измени одат во насока да се овозможи дури и најплодното земјиште да стане достапно за изградба на централи за ОИЕ.

    „Во време кога светот се соочува со климатска криза која го отежнува производството на храна, бараме да се преиспита потребата од законски измени со кои се овозможува трајна пренамена на земјоделските земјишта во градежни земјишта за развој на обновливи извори на енергија“, се вели во јавното обраќање на Еко-свест до Владата. „Нашата загриженост е дека поради предложената можност за трајна пренамена на најплодното земјоделско земјиште за хидроелектрични централи, термоелектрични централи, нуклеарни електрани, ветерни електрани, концентрациони сончеви електрани, електрани на биогориво и површински соларни и фотоволтаични електрани ќе ја ограничи намената на локации со плодна почва во државата за обезбедување на храна занаселението. Плодните земјоделски земјишта никако не би смеело да се пренаменуваат во градежни земјишта за енергетски градби или индустриски објекти“, се наведува.

    Еко-свест потсетува дека климатските промени, земјоделското земјиште има негативен тренд на деградација на почвите, со што се намалени приносите на храна и општата плодност на земјиштето, се загрозува егзистенцијата на земјоделците и се напуштаат земјоделски култури.

    „Предложените измени на Законот се спротивни на актуелните политики за земјоделие и рурален развој на државата како и политиките за климатска акција усвоени во последните три години“, истакнуваат од Еко-свест.  „Нашата земја има ограничени површини на плодно земјоделско земјиште претежно лоцирано во котлините како ливади, ораници, бавчи, овоштарници и лозја кои се основа за земјоделското производство. Најголем дел од земјоделската површина се пасишта
    кои со предложените измени ќе можат да бидат пренаменети во нови енергетски централи за ОИЕ, велат од Еко-свест и потсетуваат дека поради честа непланска изградба на енергетски градби кои користат обновливи извори на енергија се забрзува константното намалување на плодните земјоделски површини, што значи ризик врз производството на храна, зголемен увоз на овошје и зеленчук со непознато потекло и следствено, поголеми трошоци за населението.

    „ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ СЕ ПОД ПРИТИСОК НА ИНВЕСТИТОРИТЕ“

    Еко свест укажува на уште една негативна последица од ваквата политика на Владата. “Криминално е и заплашување на цели региони каде најголема економска дејност е производство на храна и локални заедници од страна на институции со цел овозможување на грабање на плодното земјиште во земјата“, додаваат од Еко-свест, подвлекувајќи дека е недозволиво е поради заштита на интересите на приватни инвеститори да се нанесува огромна штета на државата, граѓаните и земјоделците.

    Повеќе научни студии кои покажале дека има многу други локации заразвој на нови енергетски проекти кои ги избегнуваат земјоделските и други квалитетни природни површини. Пример за такви локации се деградирани земјишта од стари рудници, индустрии, одлагалишта на јаловина, стари депонии. Еко-свест во соработка со МАНУ неодамна објави Студија и Методологија за користење на рудници и други браунфилд локации за изградба на соларни и ветерни електрани во Северна Македонија и идентификуваше 5 локации на деградирани земјишта кои што би можеле да се искористат за изградба и развој на производни постројки на електрична енергија од ОИЕ. Еко-свест заедно со МАНУ подготви и Студија за детектирање на најдобрите локации за изградба на соларни и ветерни централи и мапа на одржливи локации за развој на ОИЕ, насочени првенствено на некорисно и загадено земјиште во земјата. Овие локации во иднина би можеле да генерираат скоро 8 пати повеќе електрична енергија од моменталниот инсталиран капацитет во државата.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично