ПОВЕЌЕ

    Минималецот, пензиите, најмногу цените – сѐ оди нагоре од први март, исти се само функционерските 78%

    Време зa читање: 5 минути

    Промени носи првиот ден на март. Минималната плата ќе се зголеми за 12,5 проценти. Пензиите ќе се усогласат за пет проценти. Усогласувањето нема да ги опфати функционерските плати, ќе останат само со минатогодишните 78 проценти. Цените на лебот, млекото, јогуртот, тестенините, јајцата… и уште многу други производи се враќаат во „нормала“. Заедно со увезениот зеленчук, кој ќе влегува во земјава со пресметани регуларни царински давачки.

    Дополнителните проценти на примањата се во сенка на стравот предизвикан од простор за маневар што го добиваат трговците, кои можеби ќе се обидат да го надоместат загубеното.

    Првомартовски „паѓаат“ ознаките за гарантирана цена кои од 20 септември имаа улога на заштитен ѕид што ги одбива поскапувањата. Па, граѓаните се во паника дека претстои големо поместување од досегашното безбедно ниво кое ги држеше цените закотвени на состојбата од први август. Со ценовните налети треба да се справи законот за нефер трговски практики, кој ќе воведе ред во доменот на нелојалната конкуренција и според министерот за економија, Крешник Бектеши, ќе придонесе за намалување на цените на прехранбените производи.

    Сепак, има проблем – предложениот законски текст сѐ уште чека на изгласување во Собранието. Дотогаш, на терен ќе има засилени инспекциски контроли. Пазарните и трудовите инспектори ќе постапуваат на секое забележано „зголемување на цените кое излегува од секоја нормална пазарна логика“, најави вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќ.

    „Замрзнувањето на цените е една од мерките која не соодветствува со пазарната економија. Треба да се вратиме во нормалните текови на живеење, а останува на стопанствениците да се однесуваат соодветно“, вели Битиќи, кој апелираше до Комисијата за заштита на конкуренцијата и до Организацијата за заштита на потрошувачи да ја следат состојбата и соодветно да реагираат.

    МИНИМАЛЕН МИНИМАЛЕЦ

    Според методологијата од 2022, мининалецот расте во третиот месец од годината. Сега, по пат на усогласување со движењата кај животните трошоци и просечната плата, од досегашните 20.175 ќе се зголеми 22.500 денари.

    Како минималната плата ќе се справи со разузданите цени, допрва ќе се тестира во секојдневието на илјадниците вработени кои имаат такви примања. На тој начин на проверка одат и изјавите на министрите и замениците министри за позитивното влијание што ќе го има зголемувањето врз стандардот на работниците.

    Во регионот и пошироко, Македонија има најниска минимална плата. Во бруто износ, во Албанија е 542 евра, во Србија 534,64, во Црна Гора – 532,54 евра. Во членките на ЕУ – Хрватска е утврдена на 840 евра, во Словенија 1.254, во Грција 910, а во Бугарија, која е најсиромашна во европското друштво – 477 евра.

    Всушност, минималната плата е под прагот од илјада евра (бруто) кај 14 земји од Унијата, меѓу кои се и Романија со 663, Унгарија со 696, Летонија со 700, Словачка со 750, Чешка со 764 и Естонија со 820 евра.

    На другата страна се: Луксембург, кој со години наназад предничи со високиот праг на најниската плата, а во моментот изнесува 2.571 евро, Ирска со 2.146, Холандија со 2.070, Германија со 2.054, Белгија со 1.994 и Франција со 1.767 евра.

    Во нам блиските земји Косово и Босна и Херцеговина немаат законски утврден минимум за месечните примања, а во Европа таков е случајот со Италија, Австија, скандинавските Данска, Шведска и Финска.

    ПЕТ ПРОЦЕНТИ – ЗА МНОГУМИНА 626, ЗА МАЛКУМИНА ПЛУС 3.801 ДЕНАР

    На први април ќе се смеат повеќе од 377 илјади пензионери. Уште одсега на петте проценти што доаѓаат со усогласувањето гледаат како на првоаприлска шега. Но, вистинитоста ја потврди министерот за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски, кој оцени дека „ова статистичко покачување од пет проценти пензионерите ќе го добијат како дополнување на нивните пензии“.

    Простата математика, пак, вели најниската пензија, која спред последните јануарски податоци од ПИОМ, е 12.528 денари, ќе биде надградена со цели 626,4 денари. Корисниците, само 19 на број, на највисокото пензионерско примање од 76.035 денари, на сметките ќе добијат дополнителни 3.801 денар.

    И оваа методологија се применува од 2022, со тоа што усогласувањето на пензиите се прави два пати во текот на една година, во март и во септември.

    Во меѓувреме, дел од пензионерите со пензии до 19 илјади денари примаат помош од државата од 1.500, две или три илјади денари, во рамките на последниот антикризен пакет. Но, во април истекува петмесечниот рок на оваа мерка, која се смета за една од причините поради кои дојде до стивнување на јавните и масовни пензионерски протести. Спорадично изразување на незадоволството има и во последно време, колку да се потсетат властите дека нема отстапување од барањето за линеарно зголемување на пензиите од по пет илјади денари.

    „ИЗВИСИЈА“ ФУНКЦИОНЕРИТЕ

    Парламентарното мнозинство и опозицијата конечно се усогласија – со заеднички сили ги изгласаа законите за примањата на функционерите, чии одредби го гарантираат опстанокот на спорните за граѓаните, 78 проценти. Решението го најдоа во намалувањето на коефицинетите за пресметка на платите, со што се изземаат од усогласувањето. Или, платите на пратениците, министрите, градоначалниците, судите, обвинителите… на 1.060 избрани и именувани лица, остануваат исти.

    По сите реакции што ги предизвикаа во јавноста и по сите ветувања за корекции и оправдувања зошто не се направени, сегашниот пристап се цени како најдобар во моментот. Како што неодамна рече вицепремеирот Битиќи, иако лично смета дека и за нив треба да се применува истата методологија како и за работниците во јавниот сектор, нема согласност од сите министри за намалување на функционерските плати.

    Инаку, Димитар Ковачевски, во својство на премиер често објаснуваше дека одлука на Уставен суд мора да се почитува, а потоа и дека промените не можат да се изведат на едноставен начин, затоа што повлекуваат менување на седум законски акти.

    Еден закон помина. Функционерите останаа во безбедната зона. Без оглед на промените што ги носи март.

    М.А.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично