ПОВЕЌЕ

    МИЛИЈАРДЕРИТЕ ГИ ЕСКИВИРААТ ДАВАЧКИТЕ: Данокот на богатството – извор на 250 милијарди долари годишно

    Време зa читање: 5 минути

    Милијардерите ги користат компаниите од „сивата зона“ за избегнување на оданочувањето и ефикасно плаќаат многу помалку персонален данок од другите даночни обврзници со поскромни средства. На најбогатите луѓе во светот треба да им се наплати данок од два отсто на нивното богатство, се вели во годишниот извештај за даночно затајување „2024 Global Tax Evasion Report“ на Европската даночна опсерваторија, за што известија светските медиуми.

    Владите треба да отворат нов фронт во меѓународната борба против даночното затајување со глобален минимален данок за милијардерите, кој би можел да обезбеди 250 милијарди долари годишно, наведено е во извештајот изработен од истражувачката група на Париската школа за економија. Доколку се наплати, сумата би била еквивалентна на само два проценти од богатството кое се проценува на речиси 13 трилиони долари, кои се во сопственост на повеќе од 2.700 милијардери на глобално ниво.

    Милијардерите ги поместуваат границите на законот со преместување на одредени видови приходи, вклучително и дивиденди од акциите на компаниите, преку наменски холдинг-компании кои обично не служат за никаква друга цел. „Овие холдинг компании се во сива зона помеѓу избегнувањето и затајувањето“, се вели во извештајот. И се посочува дека „тоа се прави до тој степен, што тие се создадени со цел да се избегне данокот на доход и легитимно може да се гледаат како поблиску до затајување“.

    Тоа им овозможува на 2.756 милијардери да избегнуваат одредени форми на данок на доход, што резултира со ефективни даночни стапки од нула колку што е во Франција, а која важи за земја со високи даноци, па се до 0,6 проценти. Од друга страна, даноците на доход наметнати на повеќето богати граѓани кои не користат „дупки“, се од 20 до 50 отсто.

    Офшор компаниите  можат да бидат номинални сопственици на луксузни имоти во скапи градови како Лондон. Во извештајот се укажува на тоа дека недвижностите и натаму им обезбедуваат многу можности на богатите за избегнување на даноците. Притоа, се додава „до денес не е направен сериозен обид да се реши оваа ситуација, која ризикува да ја поткопа социјалната прифатливост на постоечките даночни системи“.

    „Според нас, ова е тешко да се оправда, бидејќи ризикува да ја поткопа одржливоста на даночните системи и социјалната прифатливост на оданочувањето од страна на јавноста“, изјави директорот на Опсерваторијата, економистот Габриел Зукман.

    Растечката нееднаквост во богатството, во некои земји ги поттикнува повиците – најбогатите граѓани да носат поголем дел од даночното оптоварување, бидејќи јавните финансии се борат да се справат со стареењето на населението, огромните финансиски потреби за енергетската транзиција и долговите собрани за време на Ковид пандемијата.

    Предлогот на американскиот буџет за 2024 година предвидуваше минимален данок од 25 проценти за најбогатите кои претставуваат 0,01 отсто од населението, но падна во втор план поради спорот во Конгресот за блокадата на буџетските трошоци и лимитот за задолжување.

    Координирана меѓународна иницијатива за оданочување на милијардерите може да донесе резултати само за неколку години, признава институтот, но потсетува на успешната борба против банкарската тајна и корпоративната практика на префрлање на профитот во земји со пониски даночни стапки. Автоматската размена на податоци за сметките ги намали износите во даночните раеви за две третини од 2018 година, се проценува од Опсерваторијата.

    Договорот од 2021 година ќе го ограничи просторот за маневрирање на мултинационалните компании да ги намалат своите даночни обврски со резервирање на добивки во земји со ниски даноци со поставување на даночен праг од 15 проценти од 2024 година.

    „Многумина мислеа дека такво нешто е невозможно да се постигне, но сега знаеме дека и тоа е можно“, изјави Зукман, според кој логичниот следен чекор би бил примена на тој модел во оданочувањето на милијардерите, а не само на мултинационалните компании.

    Укинувањето на банкарската тајна и минималниот данок на добивка стави крај на конкуренцијата во намалувањето на даноците, но не ги затвори сите „дупки“, посочуваат авторите на извештајот.

    Депонирањето пари во даночните раеви е заменето со купување недвижен имот, а компаниите можат да ги искористат „дупките“ во одредбата за минимален данок од 15 проценти.

    Според Опсерваторијата, владите денес се повеќе се натпреваруваат со субвенции, иако тоа е помалку штетно за нивната даночна основа отколку конкуренцијата со ниски даночни стапки.

    Даночната опсерваторија функционира три години. Основана е и се финансира од ЕУ, во рамките на борбата против даночната злоупотреба. Опсерваторијата, чиишто повеќе од сто истражувачи работеа на  извештајот, ги повикува глобалните лидери да го искористат следниот Самит на Г20 во Бразил, во ноември 2024, и да започнат разговори за глобален минимум годишен данок од два проценто, што треба да се наплаќа на богатството. Наместо на приходите.

    Осврнувајќи се на извештајот, економистот нобеловец Џозеф Стиглиц укажува дека даночното затајување е резултат на политичкиот избор, или на неуспехот да се направи политички избор за да се запре тоа. Како што пишува „Гардијан“, Стиглиц навел дека данокот на милијардерите ќе им помогне на владите да финансираат важни услуги –  образование, инфраструктура и технологија, а ќе го ублажат и ударот од претстојните кризи.

    „Толку многу луѓе се борат да врзат крај со крај, но ги плаќаат даноците што нивните влади ги бараат од нив. Треба да се погрижиме оние кои се на врвот на скалата со приходи и кои сигурно имаат финансиски средства, да не се извлекуваат“, смета нобеловецот.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично