ПОВЕЌЕ

    МАКЕДОНИЈА НА 13-ТО МЕСТО ВО СВЕТОТ ПО ИЗВОЗ НА ВИНО, министерот Николовски најави нов закон за виното за да биде попрепознатливо

    Време зa читање: 4 минути

    Македонските вина ѝ донесоа на државава 13-то место во светот според вредност на извозот, за 2022 година, покажуваат рангирањата на ВорлдТопЕкспортс. Помеѓу првите 15 светски извознички на вино, нашата земја се наоѓа едно место повисоко од соседна Грција.

    Ова го потврди и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, во „Студио 10“ на ТВ24. „Само во последната година вредноста на извозот на вино е зголемена за 12 милиони евра. Во најдобрите 15 земји извознички сме во светот. Ова е сектор во кој треба да се инвестира и да се знаат долгорочно целите“, рече Николовски.

    НОВ ЗАКОН ЗА ВИНО

    Владата на вчерашната седница го усвои новиот Закон за виното. „Овој закон е целосно усогласен со сите девет европски регулативи затоа што извезуваме во ЕУ, а тука се и заштитата на географските ознаки, со што започнува нов период во препознатливоста на македонското вино и стандардите што треба да ги исполнува“, рече Николовски.

    Според Николовски, за лозарите е многу значајно што за прв пат со закон е регулирана исплатата на производната цена на минимум две најзастапени сорти, која ќе биде објавена најдоцна до 15 јули. Секако, вели Николовски, и лозарите имаат свои обврски. „Оваа година има пад во приносот и кај традиционалните производители на вино, па така и кај нас. Затоа, ние одлучивме лозарите да добијат по 12.000 денари за хектар, како и плус еден денар за откупот на грозјето. Покрај 10 милиони редовни субвенции на лозарите, ова се дополнителни четири милиони субвенции“, истакна министерот во настапот на ТВ24.

    Според Николовски, во 2022 година Македонија имаше девизен прилив од виното од речиси 60 милиони американски долари. „Нашите анализи покажуваат дека низ годините успеавме да го одржиме производството и лозовите насади, а во исто време да ја зголемиме вредноста на извезеното вино. На пример, во 2021 и 2022 година извезовме приближно исто количество вино, но во 2021 година девизниот прилив изнесуваше околу 50 милиони евра, а речиси 60 милиони евра во 2022 година, што значи дека извозот се зголемил за 10 милиони евра за една година. Ова се должи на квалитетот на виното и зголемениот извоз на флаширано вино, како и на многуте нови брендови кои моментално ги освојуваат странските пазари. Треба да продолжиме со добрата работа и да го зголемиме квалитетот на произведеното винско грозје за да можеме да имаме вино со уште повисок квалитет“, истакна Николовски.

    ПРВА Е ФРАНЦИЈА, МАКЕДОНИЈА ПРЕД ГРЦИЈА ПО ИЗВОЗ НА ВИНО

    Инаку, според рангирањето на ВорлдТопЕкспортс, на првото место од 15-те земји кои извезоа вино со најголема вредност во долари во текот на 2022 година се најде Франција со 11,9 милијарди американски долари, но со нето-извозниот вишок кој е намален за -2% од 2021 година, додека втора е Италија со 7,7 милијарди долари и со намалување на извозот од -2,8%.

    Големо намалување на производството од 9,8 проценти е регистрирано кај традиционалниот производител Шпанија, која со вината од ланската реколта заработи 2,9 милијарди долари. Потоа следи Чиле со заработка од 1,9 милијарди долари, Нов Зеланд со 1,3 милијарди долари и зголемено производство за 6%, Португалија 780,4 милиони долари и намалување од високи -12,6%, Аргентина – 780,2 милиони долари (намалување -7,8%), Австралија 779,1 милион долари (намалување -19,6%), Јужна Африка 646 милиони долари (намалување -8,6%), Грузија 247,8 милиони долари (пораст за 3,9%) ,Молдавија 120,9 милиони долари (намалување -10,6%), а на 12-то место се најде Унгарија со 116 милиони долари и со пораст на производството од 7,3%.

    Северна Македонија е на 13-то место со вкупна заработка од 58,9 милиони долари и пораст на производството од 4,6%, додека зад неа е позиционирана соседна Грција со заработка од 31 милион долари и енормно намалување од 15,3% на винопроизводството. Во првите 15 светски вински нации се најде уште и Либан, чија заработка од извоз на виното за 2022 изнесувала 22,8 милиони долари, додека производството пораснало за цели 11,4%.

    По вредност, наведените 15 земји испорачаа 92,4% од глобалниот извоз на вино во 2022 година.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично