ПОВЕЌЕ

    ЛАНСКИОТ УВОЗ НА ХРАНА ИЗНЕСУВА РЕЧИСИ МИЛИЈАРДА ЕВРА, најмногу сме извезувале хемиски производи

    Време зa читање: 4 минути

    Минатата година трговската размена била 19,5 милијарди евра, објави Државниот завод за статистика. Притоа, сме реализирале извоз од 8,32 милијарди евра, а увозот ни „тежел“ 11,15 милијарди евра. Извозот е поголем за 0,3 насто, а увозот е помал за 8,2 насто во однос на 2022 година.

    Порталот Пари ја анализира минатогодишната трговска размена, а тоа што може да се забележи е дека увозот на храна продолжува да расте. Минатата година увозот на храна чинел 975,8 милиони евра, што е за 9,1 насто повеќе отколку во 2022 година. Растел износот и за увоз на пијалаци и тутун, и потрошени се 122,2 милиони евра, а порастот во однос на 2022 година е 10,2 насто. Увозот на машини и транспортни уреди е зголемен за 10,7 насто, на разни готови производи за 8,9 насто, а најголем скок на увозот има кај ставката стоки и трансакции некласирани на друго место, за што се потрошени безмалку 26 милиони евра, со што е направен скок од 31,4 насто во однос на 2022 година. Сѐ што сме увезувале под други ставки бележи намалување во однос на 2022 година.

    Што се однесува, пак, до ставки коишто имале најголемо учество во минатогодишниот увоз, податоците покажуваат дека тоа е ставката производи класирани по материјалот, каде увозот чинел 3,5 милијарди евра, или 31,4 насто од целиот увоз. Во оваа ставка, на пример, влегуваат разни производи од железо и од челик. Потоа, на второ место е ставката машини и транспортни уреди, каде што е направен увоз од 2,6 милијарди евра. Големо е учеството и на ставката минерални горива, мазива и сродни горива – 1,45 милијарди евра, а речиси ист увоз, односно увоз од 1,42 милијарди евра, има ставката хемиски и сродни производи. Во ТОП 5 увозни ставки влегува и увозот на храна и живи животни, со 976 милиони евра.

    НАЈГОЛЕМ ДЕЛ ОД ИЗВОЗОТ СЕ ДОЛЖИ НА ЏОНСОН МЕТИ

    Најголем извоз лани сме направиле со хемиски и сродни производи, речиси 2,8 милијарди евра, што е 33,6 насто во однос на нашиот вкупен извоз. Тоа се должи на производството од страна на Џонсон Мети. На второ место е извозот на машини и транспортни средства, и изнесува 2,2 милијарди евра, каде значајно место, секако, зазема фабриката за автобуси Ван Хол. Потоа е извозот на разни готови производи, со 977 милиони евра, па производи класирани по материјалот, со 947 милиони евра. На петтото место по учество во извозот е ставката храна и живи животни, каде сме реализирале извоз од 493 милиони евра.

    Статистичките податоци покажуваат дека како што растел увозот на храна (9,1 насто) со сличен, но со поголем раст бил извозот на храна (9,5 насто). Најголем раст во извозот, пак, имале стоки и трансакции некласирани на друго место, каде што растот е 44,8 насто, па извозот на машини и транспортни уреди е со раст од 16 насто, ставката разни готови производи забележала раст од 12,9 насто, а пијалаци и тутун раст од 11 насто. Другите ставки немале раст во извозот.

    СО КОИ ЗЕМЈИ СМЕ ИМАЛЕ НАЈГОЛЕМА ТРГОВСКА РАЗМЕНА?

    Веќе е добро познато дека нашиот најголем трговски партнер е Германија. Од особена важност е што таму имаме суфицит во трговската размена. Затоа за нас е толку важно тоа што се случува со германската економија. Трговската размена со Германија учествува со 24,6 насто во вкупната трговска размена во 2023 година, и таа изнесува 4,8 милијарди евра. На второ место е Велика Британија, со 1,5 милијарди евра, трет трговски партнер ни е Грција, со 1,3 милијарди евра, четврт Кина, со 1,1 милијарди, и петти Србија, со 1 милијарда евра.

     

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично