ПОВЕЌЕ

    Како санкциите кон Русија ќе се одразат врз стабилноста на американскиот и светски банкарски систем

    Време зa читање: 6 минути

    Директорите на американските банки укажуваат дека очекуваат да се соочат со мал ризик за големи нарушувања како резултат на меѓународните санкции наметнати против Русија поради нејзината инвазија на Украина. Причината е што тие се повлекоа од Русија во последните години. Според Банката за меѓународни порамнувања (БИС), заклучно со третиот квартал на 2021 година, заемодавците во САД колективно имале побарувања од Русија кои изнесуваат само 14,7 милијарди долари.

    Сепак, европските банки – особено оние лоцирани во Австрија, Италија и Франција – се кредитни институции со најголема изложеност кон Русија. Како резултат на тоа, тие веќе со недели се загрижени за потенцијалното влијание од владините санкции кои би можеле да следат по руската инвазија.

    Преглед на санкциите против Русија

    По руската анексија на Крим во 2014 година, и САД и Европската унија (ЕУ) ставија на црната листа одредени поединци, се обидоа да ја ограничат способноста на државните финансиски институции во Русија да ги користат пазарите на капитал на Запад, забранија продажба на оружје и го ограничија трансферот на технологија, вклучително и технологија поврзана со нафтениот сектор.

    По руската инвазија на Украина на 22 февруари 2022 година, Обединетото Кралство прво воведе нови санкции, преземајќи мерки против пет руски банки и три физички лица. ЕУ ќе стави на црна листа на повеќе руски политичари, пратеници и функционери, ќе им забрани на инвеститорите од ЕУ да тргуваат со руски државни обврзници и ќе го таргетира увозот и извозот во или од промосковските сепаратистички региони во Украина кои Русија ги нападна. „Овој пакет санкции ќе ѝ наштети на Русија “, рече шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел на прес-конференција.

    Во меѓувреме, германскиот канцелар Олаф Шолц ја стопираше сертификацијата на гасоводот Северен тек 2, важен иден извор на енергија за Германија. Американскиот претседател Џо Бајден најави санкции против две руски банки, државниот долг на Русија и членовите на руските елити, истовремено предупредувајќи дека Русија ќе се соочи со уште поголема болка доколку продолжи нејзината агресија против Украина.

    Европските банки загрижени, американските-помалку

    Ноел Квин, извршен директор на HSBC Holdings, PLC (HSBC), една од најголемите европски банки, изрази загриженост за „пошироко влијание врз глобалните пазари, дури и ако директната изложеност на неговата банка е ограничена. „Јасно е дека постои веројатност за влијание или некој посреден ефект, но тоа ќе зависи од сериозноста на конфликтот и сериозноста на одмаздата доколку дојде до конфликт“, изјави Квин за Ројтерс.

    Претходните санкции против Русија ги натераа банките, особено во САД, да ја намалат својата изложеност кон Русија. Како резултат на тоа, банките во САД генерално не очекуваат најновите глобални санкции да имаат големо влијание врз нивните бизниси или да предизвикаат зараза во САД, според четворица директори кои зборувале за Ројтерс под услови на анонимност.

    Овие извори укажуваат дека администрацијата на Бајден се состанала со клучните фигури во банкарската и финансиската индустрија за да разговараат за потенцијалните санкции и дека овие брифинзи можеби започнале пред Божиќ. Еден рече дека, во 24 часа пред објавувањето на Бајден, банките ги идентификувале потенцијалните цели на санкциите за да можат да превземаат брзи чекори.

    Ризици од исклучување на Русија од SWIFT – системот

    Еден од изворите на Ројтерс забележа дека област на потенцијална загриженост е прекинот што може да резултира доколку САД го ограничат пристапот на Русија до меѓународната платежна мрежа SWIFT. Сепак, изворот додаде дека тоа е малку веројатно во блиска иднина. Поточно, забраната на Русија од меѓународната платежна мрежа може да нанесе сериозна штета на нејзината економија, а со тоа да им наштети на обичните граѓани. Тоа, исто така, ќе создаде огромни сложености и ризици за усогласеност за глобалната банкарска индустрија.

    Зголемен ризик од сајбер напади

    Откако претседателот Бајден ги објави санкциите, висок функционер за сајбер-безбедност на ФБИ одржа телефонски брифинг на кој ги советуваше американските бизниси и државните и локалните власти да бидат на штрек за можни напади со откупни софтвери ( ransomware) додека се продлабочува украинската криза и да размислат како нападите со откупни софтвери можат да го нарушат обезбедувањето клучни услуги.

    Дејвид Ринг од ФБИ изјави дека Русија е „толерантна оперативна средина“ за сајбер-криминалците што „нема да стане помала“ бидејќи кризата во Украина продолжува и се воведуваат дополнителни санкции. Тој телефонски повик беше дел од серијата брифинзи што претставниците на ФБИ и Министерството за внатрешна безбедност ги одржаа во изминатите два месеци во позадина на зголемените тензии меѓу САД и Русија околу Украина.

    Во неделата пред инвазијата, сајбер напади беа насочени кон веб-страниците на украинската влада и банкарството. Администрацијата на Бајден ја обвини руската војска, а американските власти очекуваат руските сајбер операции да ги придружуваат сите дополнителни воени дејства против Украина.

    Санкциите на Бајден

    На 22 февруари 2022 година, администрацијата на Бајден ја објави „првата транша од санкциите што одат многу подалеку од 2014 година, во координација со сојузниците и партнерите во Европската унија, Обединетото Кралство, Канада, Јапонија и Австралија“. Овие санкции вклучуваат четири „мерки“, како што се сумирани подолу.

    Целосно блокирачки санкции за две значајни руски финансиски институции: Во соопштението се наведува дека две големи државни руски финансиски институции кои ги финансираат Кремљ и руската војска, Внешекономбанк и Промсвјазбанк и нивните подружници, колективно поседуваат средства од над 80 милијарди долари. Овие мерки ќе ги замрзнат нивните средства во Соединетите Држави, ќе им забранат на американските поединци и бизниси да вршат трансакции со нив, ќе ги исклучат од глобалниот финансиски систем и ќе им го затворат пристапот до американскиот долар.

    Ограничување на американските поединци и фирми од тргување со Русија: Ова ѝ оневозможува на Русија пристап до клучните американски пазари и инвеститори.

    Целосно блокирачки санкции за пет руски елити и членовите на нивните семејства: Тоа се Александар Бортников (и неговиот син Денис), Сергеј Кириенко (и неговиот син Владимир) и извршниот директор на Промсвјазбанк Петр Фрадков. Овие лица и нивните роднини директно имаат корист од нивните врски со Кремљ. Останатите руски елити и членовите на нивните семејства добиваат известување дека може да се преземат дополнителни дејствија против нив.

    Секоја институција во рускиот сектор за финансиски услуги е цел на дополнителни санкции: Во соопштението се истакнува дека над 80% од дневните девизни трансакции на Русија на глобално ниво се во американски долари и приближно половина од меѓународната трговија на Русија се врши во долари. Како резултат на оваа акција, администрацијата тврди дека ниту една руска финансиска институција не е безбедна од мерките на САД, вклучително и најголемите банки.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично