ПОВЕЌЕ

    ПЕНЕТРАЦИЈАТА НА БУГАРСКИОТ КАПИТАЛ ВО МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА

    Време зa читање: 4 минути

    Автор: Стручен соработник на Пари
    Извор на фотографија: Freepik

    Кога државата се наоѓа на крстопат помеѓу европска интеграција и локална изолација, а преминот е „окупиран” од блискиот сосед, покрај преговори и договори треба да анализираме колкаво е економското влијание во тие процеси. Од тој аспект, оваа анализа, која е изработена согласно податоци генерирани од базата на Таргет Груп, ќе биде посветена на  економските аспирации од страна на Бугарија за освојување и влез во македонската економија, користење на нашите ресурси, меѓутоа и важноста на тие инвестиции преку нивниот придонес кон нациналната економија. Притоа, како водечки елемент со кој компаниите се квалификуваат за влез во оваа категорија е евидентираното комплетно или малцинско сопствеништво од страна на бугарски физички или правни лица. Исто така, направен е дополнителен филтер на компании кои според својот облик гравитираат кон ДООЕЛ или ДОО. Во структурата од податоците од Таргет Груп бројката на вакви компании во Македонија изнесува 215 и истите се распространети низ различни индустрии и дејности, географски дисперзирани низ 20-тина општини и со големина на субјекти од големи, преку мали па до микро компании.

    НазивПриход 2018 €Приход 2019 €Раст на приход %Добивка 2018 €Добивка 2019 €Раст на добивка %
    Терна Енерџи12,900,00011,200,000(13.10%)200,000370,00085.83%
    ЕНВ Трејдинг37,600,00049,400,00031.15%(2,500)(10,000)287.65%
    Булмак 201623,900,00024,500,000 2.57%6,400,0005,400,000(15.54%)
    П.И.К КО10,400,00011,500,0009.73%400,000790,00095.23%
    КТ Интернешенал/11,700,000//(630,000)/
    Вкупно85,000,000110,000,000/7,000,0005,900,000/

    Во табелата погоре издвоени се топ 5 компаниите кои во 2019 година оствариле најголеми приходи. Она што е евидентно е дека 2 компании се во индустријата со трговија на електрична енергија, додека останатите 3 со во  различни дејности. Можеби е тоа случајно или не, но од страна на бугарските инвеститори нема, или е контролиран, потенцијалниот судир на интереси во Македонија. Така, Терна Енерџи и ЕВН Трејдинг се супериорни во бизнисот со струја, Булмак 2016 има лиценца за експлоатација на рудникот Тораница, П.И.К КО е водечки регионален снабдувач со суровини за различни индустрии, додека КТ интернешенал е нов играч на пазарот кој е сестринска компанија на меѓународен тутунскиот магнат со потекло од Бугарија.

    Овие 5 компании во 2019 година оствариле вкупен приход во износ од 5.2 милијарди денари, или 52.8% од вкупните приходи кои ги оствариле компаниите во Македонија, а кои се во сопственост на бугарски физички или правни лица.  Ваквите бројки претставуваат процентуално зголемување од 9.3% во однос на 2018 година, кога овие фирми учествувале со 43.5% во вкупните приходи. Тоа укажува на тренд на висока концентрација на моќ и апсолутна доминација на пазарот. Од друга страна, вкупната добивка на топ5 комапниите во 2019 година е за 15% пониска од остварената добивка во 2018 година.

    Лидер во оваа категорија е ЕВН Трејдинг која бележи најголем пораст на приходите во споредбените години и истиот изнесува 31.15%. Очекувани се ваквите бројки ако се земе предвид фактот што оваа компанија е релативно нова на пазарот, а има високо ниво на поддршка од мајката компанија во однос на почетниот капитал и бизнисот. Нејзиниот конкурент на пазарот Терна Енерџи бележи пад на приходите од 13.1%, но сепак нивото на добивката се зголемило и 2019 година ја завршуваат со раст од 85.8%.

    Компанија со најголем остварен пораст на добивка е П.И.К. КО, со раст од над 95%, а притоа забележан е стабилен пораст и на вкупните приходи од скоро 10% во апсолутен износ.

    Лидер по бројот на вработени е компанијата Булмак 2016, која својот платен список во 2019 година го затворила со 782 вработени.

    За одбележување е и остварениот резултат на компанија КТ Интернешенал која во својата прва година од работењето во Македонија успеа да прокнижи вкупни приходи од 718 милиони денари.

    Без разлика на последните случувања околу ветото од страна на Бугарија, економските односи се на највисоко можно ниво и таквиот тренд треба да се одржува. Инвестициите од нашиот источен сосед придонесуваат кон зголемување на вработеноста и економскиот раст, ја зголемуваат ставката на извезени производи, а со тоа го помагаат процесот на одржување на стабилност на девизниот курс. Од друга страна, помалку видливите ефекти се однесуваат на развојот на технолошката опременост, пренесувањето на знаење и искуства за одреден процес или апаратура, развој на човечкиот капитал, зголемување на можностите за инвестирање на домашните инвеститори, дополнителна конкуренција во регионот и рушење на монополски организации, како и развој на голем број на мали бизниси кои ќе бидат вклучени во процесот на работа.

    Автор: Стручен соработник на Пари

    Прочитајте повеќе:

    АНАЛИЗАТА:ЕНГЕЛСОВ КОЕФИЦИЕНТ – ИНДИКАТОР ЗА НИВО НА СИРОМАШТИЈА

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично