ПОВЕЌЕ

    БУЏЕТОТ НА ЕУ ЗАГЛАВИ, а изборите во Франција го стеснуваат рокот – зошто Брисел брза пред Ле Пен да го преземе кормилото во Париз?

    Време зa читање: 4 минути

    Европската унија го заврши вонредниот самит на 26 и 27 ноември без договор за седумгодишниот буџет за 2028–2034 година. На маса е предлог од околу 1.583 милијарди евра во цени од 2025 година, но членките сè уште се поделени околу тоа колку пари да се соберат и за што да се потрошат. Франција и Германија сакаат политички договор до крајот на декември. Франција и Германија се обидуваат да ги предвидат ризиците за следниот седумгодишен буџет на ЕУ, со оглед на можноста Марин ле Пен да стане претседателка.

    Лидерката на крајната десница се закани дека ќе ги попречи буџетските договори доколку дојде на власт. Ако преговорите се префрлат по француските претседателски избори напролет, во име на Париз може да преговара Пен, која веќе најави дека ќе бара Франција да плаќа значително помалку во заедничката каса.

    Ле Пен, која води во анкетите пред претседателските избори во Франција, изјави дека има намера да го преполови нето-придонесот на земјата во буџетот на ЕУ и да престане со финансирањето на Украина. Извор близок до Ле Пен, исто така, тврди дека таа би можела да одбие да го ратификува буџетскиот договор.

    ЗОШТО ЗАГЛАВИ БУЏЕТОТ?

    Германија и група земји што во буџетот уплаќаат повеќе отколку што добиваат бараат дополнителни кратења и поголем фокус на конкурентноста. Други членки се против намалување на парите за земјоделците и за развој на посиромашните региони. Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, по самитот изјави дека дел од земјите барале помал буџет, повеќето се спротивставиле на натамошни кратења, а некои побарале да се вратат дел од веќе предложените намалувања за регионалниот развој. Отворено остана и прашањето кои нови приходи на ЕУ би го намалиле притисокот врз националните буџети.

    Дополнителен спор е финансирањето на Украина. Во седумгодишниот предлог се предвидени до 100 милијарди евра за Киев, а паралелно се преговара за посебен заем од 45 милијарди евра за 2027 година. Германскиот канцелар Фридрих Мерц ги поврза двата преговори, инсистирајќи сите членки да учествуваат во поддршката. Ле Пен, пак, најави дека ако победи, ќе ја прекине француската воена помош за Украина.

    ШТО СТОИ ЗАД „БАУЧОТ НА ЛЕ ПЕН“?

    Франција е вториот најголем уплатувач во буџетот на ЕУ, по Германија. Планот на Националниот собир предвидува Париз да преговара за намалување на францускиот придонес за околу 60 милијарди евра вкупно во текот на следниот петгодишен претседателски мандат. Ако таквото барање биде прифатено, разликата би требало да се покрие со повисоки уплати од други членки, со нови приходи на Унијата или со помали расходи.

    Тежината на ова ветување произлегува од правилото за едногласност. Седумгодишната рамка ја усвојува Советот на ЕУ со согласност од сите 27 членки, откако ќе ја одобри Европскиот парламент. Додека рамката е отворена, новата власт во Париз би можела да ја услови француската согласност со понизок придонес. Откако рамката формално ќе се усвои, за нејзина измена повторно би била потребна едногласност. Ле Пен го обвини европското раководство дека со брзањето се обидува однапред да го ограничи просторот за одлучување на идната француска власт.

    Следниот обид за политички договор е на самитот на 17 и 18 декември. Макрон рече дека ако нема компромис до крајот на годината, очекува преговорите да продолжат во втората половина на 2027 година, по француските избори. Договор во декември би оставил време во 2027 година да се усвојат прописите за новите програми. Ако новата рамка изостане и до крајот на 2027 година, правилата на ЕУ предвидуваат продолжување на дотогашните буџетски плафони, а почетокот на дел од новите програми би можел да доцни.

    (Фото: Vox España)

    19,505Следи нè на facebookЛајк

    слично