ПОВЕЌЕ

    Невработеноста се намалува, ангажманот на црно во пораст

    Време зa читање: 3 минути

    Многумина во земјава, особено млади лица и жени, се во потрага по работно место. Невработеност има, но стапката е со тенденција на пад. На годишно ниво, за периодот јануари – септември, статистиката регистрирала намалување од 2,4 отсто, без оглед дали тоа е резултат од реалнте вработување или од иселувањата. А во споредба на третиот со вториот квартал, намалувањето е за 0,5 отсто.

    Паралелно со тоа, се зголемува неформалното вработување, што се поврзува со сезонските активности во одделни дејности. Во третото тримесечје сивата економија ангажирала 103.177 лица, за 2,1 насто повеќе во однос на претходниот квартал.

    „Порастот во најголема мера произлегува од зголемениот број неформално вработени во дејноста земјоделство, шумарство и рибарство, каде што се евидентирани 58.213 лица или 56,4 % од вкупната неформална вработеност. Во градежништвото се концентрирани дополнителни 16 % од неформално вработените. Ваквата структура укажува дека сезонските активности во овие две дејности имаат клучно влијание врз кварталните движења на неформалната вработеност“, појаснуваат од Државниот завод за статистика.

    Во третото годинешно тримесечје, во Македонија имало 708.182 вработени и 89.593 невработени лица, покажуваат податоците на ДЗС за економската активност на населението. Стапката на невработеност изнесувала 11,2 отсто, а стапката на вработеност кај населението на возраст од 15 до 89 години била 46,5 отсто. Од вкупно 1.521.586 работоспособни жители на возраст од 15 и повеќе години, економски активни биле 797.775, а неактивни 723.811 лица. Кај вработените и натаму е забележлив половиот дисбаланс: 407.599 мажи и 300.583 жени.

    Таа разлика е поизразена кај невработените, односно категоријата наречена економски неактивно население. Овде состојбата е 439.015 жени и 284.796 мажи.

    Стапката на активност кај мажите изнесувала 61,9 отсто, а кај жените 43,2 отсто. Стапката на вработеност била 54,5 отсто кај мажите и 38,9 отсто кај жените.

    Кога станува збор за младите од 15 до 29 години, стапката на невработеност од 24,8 отсто, е повеќе од двојно над општата стапка на невработеност. Кај младите мажи таа изнесувала 26,9 отсто, а кај младите жени 21,7 отсто.

    А стапката на вработеност во оваа возрасна група била само 34,1 отсто. Конкретно, 38,2 отсто кај мажите и 29,6 отсто кај жените.

    Кај населението на возраст од 15 до 64 години стапката на вработеност е 59,2 отсто, а на активност 66,9 отсто.

    19,505Следи нè на facebookЛајк

    слично