ПОВЕЌЕ

    Економијата и инвестициите со седиште во Скопје – голема разлика меѓу регионите

    Време зa читање: 2 минути

    Скопје е центарот на деловниот живот во земјава. Од вкупниот бруто-домашен производ на државата, кој изнесува 1.105,24 милијарди денари или речиси 18 милијарди евра, дури 47,1 отсто се создадени во Скопскиот Регион. Државниот завод за статистика објави претходни податоци за 2025 година.

    Доминацијата на главниот град со продуцираните 520,92 милијарди денари (8,5 милијарди евра), е уште поизразена кога ќе се погледне состојбата на БДП по жител. Во Скопскиот Регион достигнува 855.646 денари (13,9 илјади евра). И е за 40,9 насто над државниот просек од 607.104 денари (9,9 илјади евра).

    Просекот на државата го надминува уште Југоисточниот Регион со износот од 626.006 денари (10,2 илјади евра).

    Најниските остварувања, пак, се во Североисточниот Регион со 320.882 денари по жител (5,2 илјади евра) и Полошкиот со 328.069 денари (5,3 илјади евра). Или, економската активност по жител е речиси двојно пониска од државниот просек.

    Според вкупниот придонес во БДП, по Скопскиот следуваат Пелагонискиот Регион со 10,1 отсто и Југозападниот со 8,7 отсто, додека Североисточниот учествува со само 4,4 отсто.

    Што се однесува до инвестициите, речиси секој втор денар вложен во основни средства завршил во Скопскиот Регион. Од вкупно 265,68 милијарди денари (4,32 милијарди евра) бруто-инвестиции во основни средства во 2025 година, тука се реализирани 119,98 милијарди денари (1,95 милијарди евра). Тоа се 45,2 отсто од сите инвестиции во државата.

    Следува Југозападниот Регион со 33,91 милијарда денари (551,4 милиони евра) и учество од 12,8 отсто, а потоа Пелагонискиот со 28,55 милијарди денари (464,2 милиони евра) и учество од 10,7 отсто и Полошкиот со 24,32 милијарди денари (395,4 милиони евра), односно 9,2 отсто.

    Најмалку инвестиции се регистрирани во Североисточниот Регион, само 9,34 милијарди денари (151,9 милиони евра), или 3,5 отсто од вкупните вложувања.

    19,505Следи нè на facebookЛајк

    слично