Внимавајте кому му ги доверувате личните податоци и од кого прифаќате понуди за купување хартии од вредност! На Фејсбук се појавиле повеќе лажни профили што се претставуваат како Македонска берза и директно контактираат граѓани со инвестициски понуди или барања за лични информации.
Македонска берза предупредува дека во последните неколку дена се забележани повеќе вакви профили, главно на Фејсбук, кои го злоупотребуваат нејзиното име и лажно се претставуваат како официјални претставници на институцијата.
Граѓаните можат да ги препознаат лажните профили по неколку карактеристики. Еден од знаците е тоа што испраќаат барања за пријателство или овозможуваат да бидат додадени како пријатели. За разлика од нив, официјалната страница на Македонска берза може само да се следи или да се означи со „Ми се допаѓа“.
Друг показател е кога профилот е неодамна создаден, со мал број објави или со содржини објавени исклучиво во последните неколку дена.
Од Берзата нагласуваат дека овие профили немаат никаква поврзаност со неа и дека постои само една официјална страница на Фејсбук.
Особено предупредуваат дека Македонска берза никогаш не контактира директно со граѓаните преку приватни пораки за да им понуди купување хартии од вредност или да побара лични податоци.
Од Македонска берза информираат дека нивните можности за постапување се ограничени на пријавување на лажните профили до Фејсбук, по што се чека платформата да ги отстрани.
Затоа апелираат и до граѓаните да ги пријавуваат сите сомнителни профили што го користат името на Македонска берза, бидејќи поголемиот број пријави може да придонесе за нивно побрзо отстранување.
Аналитика








