ПОВЕЌЕ

    „ГУЛАБОТ“ ОД ШПАНИЈА НА ЧЕЛО НА ЕЦБ: Кој е Пабло Ернандез де Кос, наследникот на Лагард?

    Време зa читање: 4 минути

    Лидерите од еврозоната, кои се состанаа во Брисел, дадоа поддршка Пабло Ернандез де Кос да застане на чело на Европската централна банка, која ги утврдува каматните стапки за 21-та земја што го користат еврото. По самитот одржан вчера во Брисел, мнозинството земји од еврозоната го поддржаа Шпанецот да ја наследи Кристин Лагард на функцијата претседател на Европската централна банка (ЕЦБ).

    За номинацијата сè уште е потребна поддршка од Европскиот парламент и од Советот на гувернери на ЕЦБ, а се очекува лидерите на ЕУ да дадат конечно одобрување во декември.  Ернандес де Кос (55), кој е на чело на Банката за меѓународни порамнувања, доби поголема поддршка од поранешниот гувернер на холандската централна банка, Клас Нот, кој беше единствениот друг кандидат.Доколку биде официјално именуван, тој ќе стане првиот Шпанец што ќе застане на чело на ЕЦБ од нејзиното основање во 1998 година.

    Тој е централен банкар со долгогодишна кариера. Започнал како економист во Банката на Шпанија, напредувал до позицијата гувернер, а сега е на чело на Банката за меѓународни порамнувања, која функционира како банка за централните банки во светот. Поранешните колеги го опишуваат како тивок, но стручно исклучително поткован, со експертиза што опфаќа сè – од фискална политика до „стабилни криптовалути“ (stablecoins). Неговиот поранешен ментор за докторат, кој подоцна го донел во Франкфурт како советник во Европската централна банка (ЕЦБ), се сеќава на него како на човек што умее вешто да гради контакти и како на тежок соговорник во дебатите за монетарната политика.

    Тој се смета за кандидат кој ужива консензуална поддршка. Ја извршуваше функцијата гувернер на Банката на Шпанија во периодот од 2018 до 2024 година. Неговата кандидатура ја поддржаа и шпанскиот премиер Педро Санчез и лидерот на опозицијата Алберто Нуњез Феихо, што претставува прв обид на Шпанија да го обезбеди претседателското место во ЕЦБ.

    ЌЕ ГИ ЗГОЛЕМИ ЛИ НОВИОТ ШЕФ НА ЕЦБ КАМАТНИТЕ СТАПКИ?

    ЕЦБ ги зголеми каматните стапки двапати оваа година, додека инфлацијата во еврозоната во октомври достигна 4% – двојно повеќе од целта на банката од 2%.

    Економистката од „Џеферис“ (Jefferies), Модупе Адегбембо, изјави за „Ројтерс“ дека Ернандез де Кос се смета за малку поголем поборник за „поблаги“ монетарни политики (т.н. „гулаб“) во споредба со Кнот. Сепак, таа нагласи дека самата промена во раководството веројатно нема да го промени пристапот на ЕЦБ кон каматните стапки. Економистот од MUFG, Хенри Кук, го опиша Ернандез де Кос како прагматичен центрист и очекува тој во голема мера да го задржи пристапот на Лагард.

    MUFG предвидува зголемување на каматните стапки за 0,25 процентни поени во март, што би бил првиот состанок на кој ќе се одлучува за каматните стапки со Ернандез де Кос во улога на претседател на ЕЦБ.

    На разговорите во Брисел стана збор и за две други испразнети позиции во Извршниот одбор на ЕЦБ.

    Се очекува Французинката Лоранс Бун да ја преземе одговорноста за пазарните операции од Изабел Шнабел, која треба да замине на 3 јануари 2027 година за да се приклучи на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Бун претходно ја извршуваше функцијата министер за европски прашања во владата на Емануел Макрон.

    Германецот Маркус Брунермајер, пак, е можен наследник на главниот економист на ЕЦБ, Филип Лејн, чиј мандат завршува на 31 мај 2027 година. Со овие номинации би се заокружил процесот на пополнување на највисоките позиции во централната банка.

    Амбасадорите на ЕУ во четвртокот постигнаа договор за текстот на препораките за сите тројца кандидати. Се очекува владите на земјите од еврозоната писмено да ги усвојат овие препораки до крајот на денот, со што ќе се отвори патот Европскиот совет да ги изврши именувањата во декември, по претходни консултации со Европскиот парламент и Советот на гувернери на ЕЦБ.

    КАДЕ ЗАМИНУВА КРИСТИН ЛАГАРД?

    На 29 октомври, Лагард објави дека ќе се повлече од функцијата на 7 февруари 2027 година – речиси девет месеци пред истекот на нејзиниот мандат.

    Таа изјави дека заминувањето од ЕЦБ ќе ѝ овозможи поголема слобода да зборува за прашања што излегуваат надвор од рамките на монетарната политика.

    Говорејќи на самитот „DealBook“ во организација на „Њујорк тајмс“ на 18 ноември, Лагард наведе дека преземањето водечка улога во Светскиот економски форум е „една од опциите“. Таа одби да ги открие своите планови, но инсистираше: „Не одам во пензија“.

    (Фото: LinkedIn)

    19,505Следи нè на facebookЛајк

    слично