ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ I РИСТЕ СТОЈАНОВ: Софтверските инженери ќе ги носат одлуките и во ерата на вештачката интелигенција

    Време зa читање: 4 минути

    Вештачката интелигенција ќе преземе дел од пишувањето код, а одлуките за тоа како ќе биде изграден софтверот ќе останат во рацете на инженерите, вели д-р Ристе Стојанов, професор на ФИНКИ, во интервју за „Пари“. Тој објаснува зошто математиката и физиката ќе останат важни за идните инженери, какви услови им недостигаат на младите кадри за да работат во Македонија и што ѝ е потребно на земјата за да стане регионален центар за вештачка интелигенција.

    ПАРИ: Дали вештачката интелигенција ќе ги замени програмерите?

    Стојанов: Ќе дадам малку контроверзен одговор. Да, ако зборуваме за работата што се сведува на пишување код. Софтверските инженери ќе останат потребни затоа што тие одлучуваат како ќе изгледа кодот и како ќе биде организиран софтверот во целина.

    Тоа се гледа и по растот на побарувачката за софтверски инженери во светот. Гледаме компании што сами развиваат софтвер, а потоа ангажираат инженер за да го пушти во употреба.

    ПАРИ: Кои професии најмногу ќе ги погоди автоматизацијата?

    Стојанов: Тоа е најтешкото прашање. Моја процена е дека најизложени ќе бидат професиите во кои работата бара малку креативност и малку самостојно одлучување. Вештачката интелигенција може да генерира текст и податоци, па дури и да носи одлуки. Сè уште е отворено прашањето колку можеме да им веруваме на тие одлуки.

    Самата употреба на вештачката интелигенција нема да донесе конкурентска предност. Предност ќе имаат луѓето што умеат да донесат поинакви одлуки.

    ПАРИ: Што треба да научат денешните деца за да имаат работа во 2030 година?

    Стојанов: Пред сè, им треба солидна основа во фундаменталните науки. Во инженерските професии тоа се математиката и физиката. Овие знаења се важни и денес и верувам дека ќе останат важни и понатаму.

    Еден вработен ќе извршува поразновидни задачи, па ќе му требаат знаења од повеќе области. Образованието треба да ја понуди таа широчина, а секој ќе треба подлабоко да се насочи во својата област. Во софтверското инженерство, на пример, познавањето на математиката и умеењето да се развиваат алгоритми се основа за да процениме дали едно софтверско решение е добро.

    ПАРИ: Дали македонското образование може да го следи развојот на технологијата?

    Стојанов: Македонското образование држи чекор со технолошкиот развој. Во некои области можеби е и понапред од дел од европските образовни системи. На ФИНКИ се споредуваме со водечки универзитети како Стенфорд и МИТ. Целта ни е нашите дипломци да можат да се натпреваруваат со нивните.

    Од секоја генерација, десетина наши студенти го продолжуваат образованието на реномирани светски универзитети, а уште десетина се вработуваат во реномирани компании во светот. Знаењето што го стекнуваат на ФИНКИ им овозможува во кариерата да работат рамо до рамо со дипломци од водечките универзитети.

    Проблемот е што овде немаме услови да им понудиме исти можности за работа и развој. Се надевам дека со повеќе инвестиции во образованието и во поддршката за стартапи, овие млади луѓе ќе можат да го применат своето знаење овде и да придонесат за македонската економија.

    ПАРИ: Може ли Македонија да стане регионален центар за вештачка интелигенција?

    Стојанов: Тоа зависи од тоа колку ќе вложиме, пред сè во инфраструктурата. За студентите да можат да развиваат и да обучуваат модели на вештачка интелигенција, им треба пристап до соодветен хардвер. Тоа денес е најскапиот дел. Токму можноста да обезбедат таква опрема им дава предност на технолошките гиганти.

    Имаме знаење, компетенции и луѓе што сакаат да работат во оваа област. Потребни се вложувања за да им ги обезбедиме ресурсите. Се надевам дека во тоа ќе се вклучат и приватниот сектор и државата, заедно со другите што можат да придонесат.

    Тука би ја издвоил „Везилка“, проект од национален интерес што се реализира со финансиска поддршка од Европската Унија и со кофинансирање од Министерството за дигитална трансформација и ФИНКИ. Со проектот сакаме да создадеме подобри услови за развој на вештачката интелигенција во Македонија. За тоа се потребни повеќе од три години. Треба да имаме јасна визија и стратегија што ќе ја спроведуваме на долг рок.

    Катерина Михајлова

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    19,505Следи нè на facebookЛајк

    слично