Пари ги праша економските експерти каква 2026 година нѐ очекува – стабилизација или нови удари врз животниот стандард. Нивните одговори отвораат клучни прашања за неопходните реформи и наместо новогодишна честитка носат јасна порака до Владата за тоа што повеќе не смее да се одложува.
Марјан Петрески – универзитетски професор:
На економски план, оваа динамика на растот што е присутна во последните два-три квартали од 2025 очекувам да продолжи во текот на 2026 година. Имајќи ги предвид околностите во смисла на сѐ уште присутните неизвесности глобално, на европскиот континент особено, како и слабостите на домашната економија, раст кој би се движел од 3, до 4 насто, како што е моменталниот, сметам дека е солиден. Дали тој е доволен? Секако дека не е, и моето клучно очекување во 2026 е дека конечно ќе почнеме робустно да работиме на структурните реформи, за да може на среден рок да испорачаме повисок раст.

За жал, инфлацијата беше и сѐ уште е забележливо „леплива“, а тоа значи дека иако се смири во однос на нивоата од 2022 и 2023 година, сепак опстојува на ниво од околу 4 насто, и тоа е сѐ уште над нивото на кое ќе сме спокојни, односно нивото на кое инфлацијата не ја чувствуваме во секојдневието. Инфлацијата секако го оштетува животниот стандард, но макроекономски гледано, проблемот нема да се реши со „дотурање“ повеќе пари, бидејќи повеќе пари во економијата кои не се рефлексија на повеќе создадена вредност, само ќе го влошат проблемот. Се разбира, дел од проблемот е и однесувањето на чинителите долж синџирот на снабдување, но тука мислам дека носителите на политиките пратија добри пораки преку Комисијата за заштита на конкуренцијата. Значи, таква поставеност, заедно со затегната монетарна и фискална политика, очекувам дека ќе ја собори во 2026 и оваа преостаната инфлација до нивото од околу 2 насто, кое се смета за постигната стабилизација.
Ако 2026 година ја сфатиме сериозно како година на исчекор, тогаш мора да престанеме да зборуваме за реформи декларативно и конечно да почнеме да ги спроведуваме системски. Почетната точка мора да биде јакнењето на институциите и владеењето на правото, бидејќи без функционални институции нема ни инвестиции, ни продуктивност, ни доверба. Ова е најкритичната точка. Паралелно со тоа, неопходни се реформи во јавната администрација, насочени кон професионализација и отчетност, а не кон партизација и ад-хок решенија.
На економски план, приоритет треба да имаат реформите што ја поттикнуваат продуктивноста: подобрување на деловната клима, борба со сивата економија, поддршка на извозно ориентираните сектори и подобро поврзување на образовниот систем со потребите на пазарот на труд. Конечно, фискалната политика мора исклучиво да се пренасочи – и да опстои на патека чии елементи се присутни – од краткорочни социјални „фластери“ кон паметни јавни инвестиции што создаваат долгорочна вредност. Без ова, секој раст ќе остане кревок и недоволен.
Мојата порака би била едноставна, но суштинска: 2026 нека биде година на одлуки, а не на одложувања. Граѓаните и фирмите веќе ја платија цената на кризите во последните една-две децении преку притисокот врз животниот стандард и пропуштените можности за поголем реален раст на доходите и создадената вредност. Затоа, Владата треба да покаже јасна политичка волја да ги спроведе тешките, но неопходни реформи, дури и кога тие не носат краткорочен политички поен.
Истовремено, потребни се конзистентност, транспарентност и искрен дијалог со јавноста – затоа што довербата е најважниот капитал што една економија може да го има. Ако 2026 ја искористиме за поставување здрави темели, тогаш следните години можат да бидат години на повисок раст и подобар животен стандард. Ако не – ќе продолжиме да тапкаме во место, без оглед на сите бројки што добро изгледаат на хартија.
Подготви: Маја Анастасова
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








