ПОВЕЌЕ

    АНАЛИЗА: Ниедна влада не успеа да ги потроши парите за капитални инвестиции. За 10 години останаа нечепнати 720 милиони евра!

    Време зa читање: 3 минути


    Само 40,2 отсто реализација на капиталните расходи за 9 месеци и 10 дена прокнижи фискалниот бројач поставен на официјалната страница на Министерството за финансии. Податоците покажуваат дека досега, оваа година, за училишта, патишта, софтвери и други капитални расходи се потрошени 185 милиони евра. До крајот на годината, или за неполни 4 месеци, според ребалансираниот буџет за трошење за оваа намена има уште 289 милиони евра.

    Реализација на проектите за кои се предвидени пари во ставката капитални расходи е перманентен проблем. Експертите објаснуваат дека не е лесно да се потрошат парите дури и кога ги има, ако проектите не се пропратени со навремена и целосна документација, ако тендерите не се добро обмислени, ако има пропусти во проектите, ако нема наверемено решавање на експропријациите… Причини има многу, а според реализацијата, тие изгледа постојано и комбинирано се случуваат.

    Порталот Пари, ги пролиста завршните сметки на буџетот за последната деценија. Според податоците, во последните 10 години, од 2010 година заклучно со 2020 година, за капитални расходи биле наменети 3,77 милијарди евра, но биле потрошени 3,05 милијарди евра, или имало на располагање уште 720 милиони евра за капитални проекти, но тие не биле искористени. Притоа се земени предвид ребалансираните буџети, во кои низ годините често се крателе капиталните проекти, но дури и така скратените пари не се искористиле.

    Колку се искористиле парите за капиталните расходи (во милиони евра)

    ГодинаКапитални расходи - ПланираниКапитални расходи - РелизираниПроцент на реализација
    2020310,0262,084,5
    2019369,4289,676.4
    2018291,7197,567,7
    2017380,4323,084,9
    2016361,0276,076,5
    2015361,5303,584,0
    2014364,3286,578,6
    2013335,4270,180,5
    2012348,5306,687,9
    2011358,0289,480,8
    2010295,0249,884,7
    Вкупно3.775,23.054,080,9

    Како што може да се види од податоците, и процентуално и во апсолутен износ најголема реализација имало во 2017 година (реализирани капитални расходи од 323 милиони евра, или 84,9 проценти од планираното) , но веќе наредната 2018 година е рекордер во обратна насока, по мала реализција, и тоа по двете основи – и по процентот (67,7%) и по апсолутниот износ (197,5 милиони евра).

    Минатата година, иако беше пандемиска, се реализираа капитални расходи од 262 милиони евра, и тоа е подобар износ од 2017 и 2010 година. Процентуално, реализацијата не беше лоша, односно беше подобра од многу други години и изнесуваше 84,5 проценти, но со двата ребаланса во текот на минатата година имаше големо кратење на капиталните проекти – од околу 76,5 милиони евра.

    Но, економистите постојано повторуваат дека ставката капитални расходи сама по себе не кажува доволно, односно многу е важно за какви проекти се трошат парите – дали тоа се  проекти од инфраструктурата, од енергетиката, од дигитализацијата, кои понатаму ќе донесат додадена вредност, или пак тоа се „мртви“ проекти кои нема да донесат економски равој и подобар животен стандард.

    Редакција Пари

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично