ПОВЕЌЕ

    АНАЛИЗА: Главни акценти од првите шест месеци од 2022 година на Македонска берза

    Време зa читање: 5 минути

    Вкупниот берзански промет по сите основи во првата половина од 2022 година изнесува околу 75 милиони евра, што претставува намалување од 13,6% наспроти истиот период лани. Во тие рамки, прометот со акции во БЕСТ системот во првото полугодие оваа година изнесува околу 44 милиони евра и е за 2% поголем во однос на истиот период 2021 година. Просечниот дневен промет во првото полугодие од 2022 година изнесува 25,4 милиони денари и бележи намалување од 7% во однос на истиот период минатата година, додека просечниот дневен број на трансакции е речиси идентичен како и минатата година и изнесува 85 трансакции дневно. Главниот причинител за намалениот вкупен промет е помалата вредност на блок трансакциите, односно оваа година овој промет изнесува околу 1,5 милијарди денари наспроти ланското остварување од нешто околу 2 милијарди денари.

    Деталната aнализа на прометите од редовното тргување во БЕСТ системот оствaрени во првото полугодие во последните пет години покажува дека овој промет оваа година е треторангиран во последните 5 години.
    Прометот со обврзници се намали за 44% во првата половина од 2022, што е очекувано со оглед на фактот дека во 2021 година имаше котација на две државни обврзници за денационализација.

    Од аспект на структурата на прометот во првата половина од 2022, околу 66% од прометот е остварен од редовно тргување, 32% е остварен преку блок трансакции, додека останатите 2% се реализирани од јавни берзански аукции и јавна понуда на хартии од вредност.

    Анализата на вкупниот промет и прометот со акции во БЕСТ системот по месеци во првата половина од 2022 година, покажува дека месец со најголем промет и по двете основи е месец февруари.

    Перформансата на индексот МБИ10, што го мери општото ниво на цените на најликвидните десет акции на Македонска берза, во првата половина од 2022 година бележи пад од 5,95%, во однос на последната вредност на индексот на крајот на 2021 година. Доколку се анализира по месеци, после порастот во јануари (1,18%), во февруари, поради почетокот на војната во Украина индексот бележи пад од 6,54%, додека во март и април се зголемува за 4,78% и 0,06%, соодветно. Во месеците мај и јуни индексот бележи дополнителен пад, односно -3,31% во мај и -4,67% во јуни. Највисоката вредност на индексот во првата половина од оваа година изнесуваше 6.364,81 индексни поени (на 09.02.2022 година), додека најниската вредност на индексот беше 5.627,16 поени (на 24.02.2022 година).

    Компаративна анализа на движењето на регионалните акциски индекси е презентирана подолу.

    Регионалната анализа на берзанските индекси покажува дека во првата половина од 2022 година МБИ10 е во групата на поразвиените регионални берзи, чии индекси имаат негативни перформанси – што е разбирливо имајќи ги предвид севкупните економски и гео-политички фактори во кои работат и глобалните и регионалните пазари на хартии од вредност.

    Анализата на ценовните движења на поединечните акции од актуелниот состав на МБИ10 индексот во првите шест месеци од 2022 година покажува дека само акциите издадени од Македонски Телеком АД Скопје бележат пораст (7,75%). Кај останатите акции, елементи на МБИ10, се забележува надолна корекција на цените во опсег до максимум -15%. Во продолжение е прикажана ценовната перформанса на сите елементи на МБИ10 во првата половина од 2022 година.

    Најтргувани хартии од вредност во првата половина од 2022 година се акциите издадени од Комерцијална банка, со вкупен промет по сите основи од 20 милиони евра, потоа следат акциите издадени од Алкалоид АД Скопје со вкупен промет од околу 9 милиони евра и акциите на НЛБ Банка АД Скопје со вкупен промет од околу 4  милиони евра. Учеството на прометот остварен во БЕСТ системот на десетте акции во МБИ10 индексот во прометот со акции од класично тргување во БЕСТ системот за првите шест месеци од 2022 година изнесува 93% – е вообичаено висока концентрација на класичното берзанско тргување во овие акции.

    До крајот на мај беа објавени и неревидираните финансиски резултати на котираните компании за првиот квартал од 2022 година. Од 94 котирани компании, 62 регистрираа добивка, 28 загуба, 1 друштво не објавило извештај, додека 3 компании се во режим на долгорочна суспензија од котација. Вкупната прикажана нето добивка на котираните компании за првото тромесечие од 2022 година е зголемена за околу 9,67% споредбено со истиот период лани.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично