
Априлската инфлација од 5,7% е сигнал Народната банка да размислува со дополнително затегнување на монетарната политика. Од оваа институција, која според Закон е задолжена да се грижи за ценовната стабилност, ги чекаат податоците за мајската инфлација, кои ќе бидат објавени на почетокот од јуни, за да оценат дали ќе донесат одлука за постепено зголемување на референтната каматна стапка, која во моментот изнесува 4% на седумдневните благајнички записи. Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, во поткастот „Каде се парите? со Горан Теменугов“ вели дека инфлаторните притисоци доаѓаат и од надвор, но и од домашната економија. Ако продолжи трендот на постепено зголемување на цените, Народната банка има механизми како да влијае врз стабилизирање на инфлацијата, која според Славески е клучна и за стабилен економски раст. Тој вели дека на секоја економија и одговара ниска и стабилна инфлација и затоа не гледа несогласување меѓу актуелната монетарна и фискална политика, односно меѓу економските политики на Народната банка и на Владата.
„Дали воопшто би ја коригирале референтната каматна стапка?
Јас не можам да кажам. Може би не, може би да. Сега при корекциите, како што знаете, во 80 – 90% од случаите, односно практиката на централните банки, се оди постепено, секако со давање сигнали за некои идни потези. Имено кога реков, 80 – 90% од случаите се една четвртина од поен, односно 0,25% или 25 базични поени, како што се зборува. Тоа е највообичаен потег. Некогаш може да е помалку, некогаш повеќе, но тоа е тоа.“
Аналитика








