ПОВЕЌЕ

    Сè повеќе соло патници, туристичките агенции им бараат сопатници

    Време зa читање: 5 минути

    Патувањето сам веќе не е бауч. Голем број наши сограѓани се одлучуваат да патуваат без друштво. Причините се различни: неусогласеност со пријателите или семејството со годишните одмори, избор на некое егзотично патување што пријателите не можат да си го дозволат, желба за самотија, самостојно истражување на локацијата каде што се патува…

    Македонските туристички агенции се приклучија на глобалниот тренд да им овозможат пријатно патување на соло патниците. Секогаш има можност за доплата во соба за самец, но веќе може да се прочитаат и огласи во коишто не се наплаќа дополнително за соло патници, а тоа обично важи за понуди во последен момент.

    ‒ Да, имавме таков оглас. Сепак, не би сакале да бидеме препознаени како агенција што овозможува престој на еден турист во апартман без доплата. Тоа го понудивме на дестинација за која требаше брза реакција, за да не остане слободна собата. На тоа се одлучивме затоа што често нè прашуваа за таква можност. Секако, со доплата секогаш е можно некој сам да си патува. Гледаме износот за доплата да биде што е можно поповолен, – велат од агенцијата.

    Дел од агенциите, пак, ги охрабруваат граѓаните што немаат друштво да не си го скратат задоволството да патуваат и им порачуваат дека тие ќе ги спојат со други патници што одат сами, и така нема да доплатат.

    На социјалните мрежи се шири огласот на „Магелан травел“. Се нуди Сицилија, Скандинавија и Париз.

    „Сакаш да патуваш, а немаш со кого? Нема проблем – ние ќе се погрижиме за тоа! Без доплата за еднокреветна соба! Ќе те споиме со друг патник што исто така патува сам, за да делите соба и да уживате во патувањето без дополнителни трошоци. Резервирај го твоето место уште денес и тргни кон нови авантури!“, пишува во објавата.

    Под рекламата, пак, има бројни позитивни реакции од наши сограќани. Тие пишуваат: „Браво, конечно и во Македонија соло патувања!“, „Во странство има вакво нешто, редно беше и македонските агенции да го прават.“ Но, ова ги пробуди и граѓаните што почнаа сами да прашуваат дали има некој што би патувал сам за Шпанија, Грција…

    Агенцијата позната по организирање несериозни патувања, како што сама се декларира, „Џангл трајб“, исто така бара сопатници. Се бараат сопатници за Јужна Кореја, Кина, Малдиви и Мароко.

    „Ако се пријавиш како соло патник, потребна е доплата за еднокреветна соба, како и секаде во светот. Со цел да го избегнеш овој трошок, има опција да те споиме со друг соло патник. Ако на поаѓањето на коешто најмногу ти одговара нема пријавено – ова поаѓање ќе го објавуваме тука и на нашите социјални медиуми секој ден со цел да ти најдеме „travel buddy“!, објави „Џангл трајб“.

    Далечните патувања не се за сечиј џеб. Често, разликите во имотната состојба знаат да бидат пречка за заедничко патување со пријателите или за патување на целото семејство. Во туристичките агенции што организираат вакви патувања велат дека виделе разни ситуации, а меѓу нив и соло патување на еден од сопружниците, како роденденски подарок, затоа што немало пари двајцата да патуваат.

    Но, соло патувањата веќе се и избор за „патување по своја мерка“. Во светот веќе има бројни психолошки анализи на соло патниците. Пронајдовме една интересна анализа на психологот Кејт Блејк (https://drkatieblake.com/), која вели: „Патувањето во соло не е едноставно патување без придружници. Психолошки, тоа е фундаментално различно искуство од патувањето со други ‒ а разликата не е само логистичка. Тоа е невролошко, социјално и интимно“.

    Таа потенцира дека кога патувате со други луѓе, го носите вашиот социјален контекст со себе, а кога патувате сами, таа основа исчезнува.

    „Вие, привремено, не сте ништо никому. Вие не сте нечиј партнер или родител или колега или пријател. Вие сте личност што се движи низ просторот, без никаква социјална улога што треба да ја извршува и без врска што треба да ја одржува. Тоа отсуство што може да изгледа вознемирувачко на почетокот ‒ е токму она што создава услови за вистинска психолошка промена“, потенцира психологот.

    Платформата GuruWalk објави листа на најдобрите градови за соло патници. Скопје е на осмото место!

    Анализирани биле резервациите за пешачки тури во последните 12 месеци, а меѓу 150-те најпопуларни града биле издвоени оние со најголем удел на соло патници.

    На првото место се најде Торонто, каде што повеќе од половина од туристите што резервирале тури преку GuruWalk патувале сами – 50,5 насто.

    На второто место е Санта Ана, додека трет град е Сао Паоло. Понатаму следуваат Тајпеј и Куала Лумпур.

    Меѓу најдобрите 10 града се најдоа и два балкански града. Скопје е на осмото место, а Белград ја затвора листата на десетте најдобри дестинации за соло патници.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично