Во периодот од 01.01-30.09.2019 година Банката од своето работење оствари позитивен финансиски резултат во износ од 1.300,6 милиони денари наспроти остварениот позитивен финансиски резултат во истиот период минатата година во износ од 1.728,9 милиони денари.
Како стои во известувањето на Комерцијална банка, помалку остварениот финансиски резултат во тековниот период се должи на два настани кои имаа клучно влијание на структурата на приходите на Банката во истиот период од минатата година. Имено, во текот на првиот квартал од 2018 година беа финализирани интензивните активности на Банката за решавање на статусот на должникот ФЕНИ – Кавадарци, такашто беше склучен и реализиран договор за продажба на побарувањата од ФЕНИ, со што во билансите на Банката беше евидентирано ослободување на исправката на вредност и истото имаше соодветен ефект врз остварениот финансиски резултат. Дополнителен ефект во минатата година имаше и реализираната висока капитална добивка од продажба на преземен имот.
Вкупната актива на Банката на 30.09.2019 година достигна износ од 118.119,3 милиони денари и во однос на декември 2018 година бележи зголемување од 3,3%. Планот е остварен со 100,3%.Зголемувањето на вкупната актива во најголем дел се должи на зголемувањето на кредити на и побарувања од банки, кредити на и побарувања од други комитенти и зголемувањето на вложувањата во хартии од вредност. Ваквата состојба е резултат на зајакнувањето на капиталната позиција, што овозможи Банката на пазарот да понуди модифицирани кредитни производи за физички и правни лица со поповолни услови во однос на конкуренцијата.
За очекувањата во претстојниот период, во известувањето се вели дека макроекономските услови во кои Банката ќе ја остварува својата активност до крајот на 2019 година подразбираат остварување на зацртаниот раст од 3,5% како резултат на солидните движења во реалниот сектор во изминатиот период. Притоа, внимателно ќе се следат новонастанатите околности поврзани со евроатлантските интеграции на земјата и ризиците од намалување на глобалниот раст.