ПОВЕЌЕ

    Иван Штериев на 22. Годишна конференција: Регионалните инвеститори се „прозорец“ за Македонската берза

    Време зa читање: 9 минути

    На конференцијата во Охрид се присутни повеќе од 200 домашни и странски учесници, меѓу кои и претставници на пет регионални берзи – Загреб, Љубљана, Бања Лука, Белград и Софија

    „Оценка е дека оваа 2023 е година на своевидно ресетирање на македонскиот пазар на хартии од вредност. Изразот ‘ресетирање’ најчесто го користиме поврзано со компјутерите. Кај автомобилите ресетирање подразбира и враќање на километражата… Токму така наликува и берзанската 2023 година – се одвиваат процеси што не носат на некој нов почеток, при што стартната позиција очигледно ќе биде многу пониска“, наведе главниот извршен директор Иван Штериев на 22. Годишна конференција на Македонска Берза што се одржува во Охрид.

    Осврнувајќи се на активностите во текот на трите изминати квартали, првиот човек на Берзата наведе дека берзанскиот промет е намален во однос на истиот минатогодишен период.

    „До 22 септември вкупниот берзански промет по сите основи изнесува 57,7 милиони евра, што е намалување во споредба со истиот период минатата година од над 38 отсто. Прометот во БЕСТ системот, класичното тргување со акции и со обврзници, е 32,5 милиони евра, односно околу 46 проценти од ланскиот обрт. Просечно дневно во БЕСТ системот се склучуваа 46 трансакции, а просечниот износ на дневниот промет е околу 11,2 милиони денари. Индексот МБИ 10 на годишно ниво бележи плус од 2,6 насто. Подеталната компарација покажува дека овогодишниот промет е вратен на ниво како пред 2018 година“, рече Штериев.

    Според него, влијание на состојбите на Берзата имаат повеќе егзогени и ендогени фактори.

    Меѓу надворешните влијанија посочи на песимизмот поради зголемувањето на инфлацијата и каматните стапки, можноста од рецесија, импликации од старите и новите задолжувања на државниот и приватниот сектор, фискалните прилагодувања и новитети и други последици од пандемијата и војната во Украина.

    „Сепак, засега котираните компании добро се држат. Од вкупно 93 компании, 68 рапортирале добивка за првото шестмесечие во кумулативен износ од околу 162 милиони евра, што е пораст од околу 5 насто на годишно ниво“.

    Сепак, нагласи, за забавената берзанска динамика голем импакт имаат интерните фактори, пи што прво го спомена оданочувањето на капиталната добивка.

    „Силно е негативното влијание на воведеното оданочување на капиталните добивки. На ова предупредувавме и, за жал, бевме во право – прометот е евидентно помал. Ова даночно решение, според нас, мора да се ревидира. Банкарските депозити во исто време станаа поатрактивни – поради зголемените камати и нивното неоданочување. Не треба да се заборава и дека имавме многу долг период на ценовен раст. Девет години, од 2013 до 2021, индексот МБИ10 во континуитет растеше, со кумулативен плус од над 250 насто. Минатата година беше регистриран пад од околу 8 отсто, а годинава, рековме, повторно имаме благ раст. Сегашните валуации се одраз на овој долг тренд – тоа сигурно влијае на одлуките на инвеститорите кога размислуваат за влез на домашниот пазар или за зголемување на нивната изложеност. Пазарот е константно плиток, нема многу учесници, а доминираат retail инвеститорите. Импликации на неговото функционирање има и од едното и од другото. Продолжува ниското учество на странските портфолио инвеститори, а згора на тоа има очекувано зголемување на тргувањето на македонските инвеститори во странство“.

    Правејќи соредба со компјутерскиот систем, укажа дека при ресетирањето, стандардната процедура за негово подобро идно функцинирање е да се направат одредени активности – чистење, дефрагментирање или надградба на хард дискот, а токму таков е пристапот и на Берзата.

    „Во опишаните услови во кои моментално функционира Берзата, ова е и нашиот пристап. При тоа, активностите што ги правиме или ќе ги правиме поради настанатото ресетирање на пазарот, можеме релативно полесно да ги реализираме поради тоа што веќе инсталиравме нов ‘оперативен софтвер’, односно не се опуштивме додека берзанскиот систем работеше во full mode“.

    Како што нагласи, врвен развоен приоритет на Македонска берза е подобрување на понудата на пазарот, при што изрази уверување дека има побарувачка за квалитетни финансиски инструменти. Но, како предизвик ја издвои понудата.

    „Понудата е огромен предизвик. Токму поради тоа акцентот го ставаме на подобрување на постојната понуда, преку проекти како што се новиот Кодекс за корпоративно управување, вградување на ЕСГ стандардите кај компаниите, континуираните нивелации на правилата за котација и обелоденување, инсистирање на повеќе информации на англиски јазик, организирање на роад шоуа… Сите знаеме дека упорно нема нови емисии и котации. Регионалните искуства покажуваат дека најлесно се прави големо IPO како дел од некој приватизациски проект (најнов пример е Хидроелектрика во Романија неодамна). За успешно IPO треба сериозен и професионален пристап, време и најважно од се – одлука на доминантниот сопственик. Кај компаниите со државен капитал таа одлука е политичка (тоа може да биде или некоја приватизација или т.н. техничка котација); кога станува збор за приватниот сектор одлуката е на доминантниот сопственик кој може да биде поединец, фамилија или неколку партнери“.

    Штериев наведе дека моментално во фокусот е анимирање на неакционерските друштва, со цел организациски, кадровски и суштински да се подготват за среднорочно излегување на Берза.

    „Затоа го формиравме т.н. БУМ клуб – Берзата и Успешните во Македонија. Во овој клуб се зачленија над  20 успешни фирми и идниот месец почнуваме со активности. Во очекување сме и на најавените промени во регулативата, согласно кои ќе формираме нов пазарен сегмент – т.н. Growth market, каде што помалите компании многу полесно ќе можат да издаваат акции и да прибираат капитал. Компаниите од БУМ клубот ќе бидат природни кандидати за ова. Околу клучното прашање за зголемување на пазарната понуда и стимулирање на нови емисии целосно сме на иста бранова должина со нашиот регулатор, Комисијата за хартии од вредност, и ја имаме нејзината голема поддршка што е од суштествено значење“.

    Главниот извршен директор посочи и на успешно реализираната емисија на граѓанските обврзници. Според него, големиот интерес за нив потврда на тезата дека побарувачка за квалитетни финансиски инструменти постои, „треба само да се сака и да се знае како да се искористи“.

    „Се надеваме дека ќе следат нови вакви или слични емисии. Владиниот долг во форма на издадени државни хартии од вредност е фундамент врз кој функционираат сите пазари на капитал. Доминацијата на финансиските институции на примарниот пазар и комплетната неразвиеност на секундарниот пазар со овие инструменти е значајна бариера за понатамошен развој на пазарот на капитал во целина. Пазарот на државни хартии од вредност функционира на принципот купи и чувај, поради што нема континуирано пазарно формирање на кривата на принос. Уверени сме дека Македонска берза може многу повеќе да придонесе во популаризирањето на вложувањето во државните хартии од вредност кај домашните нефинансиски инвеститори, но и за генерално динамизирање на секундарното тргување.

    Во тој правец неодамна поднесовме конкретна иницијатива до Министерството за финансии. Доколу Министерството ни ја даде довербата да влеземе поактивно во овој сегмент, освен нашиот акумулиран know-how како пазарен оператор и високата регионална вмреженост, подготвени сме и да инвестираме колку што е потребно во најмодерен софтвер“.

    Македонска берза, потенцира Штериев, веќе ја почна европската интеграција, од аспект на сопственичката поврзаност со Загребската берза. Која не само што е најголемиот поединечен акционер, туку и ги пренесува своето искуство, know-how, контакти и продажни канали. Во таа насока, потсети дека во мај беа одржани првите „Денови на македонскиот пазар на капитал“ за хрватски инвеститори, од што произлегуваат и очекувањата дека од вакви промотивни активности ќе произлезе и нов промет.

    „Треба да бидеме реални – нашите најликвидни компании се мали во меѓународни рамки. Македонскиот пазар, согласно прифатените класификации, не спаѓа ниту во т.н. emerging markets, тој е т.н. frontier market и поради својата големина, едноставно, не привлекува позначајни институционални инвеститори. Нашата шанса и прозорец како пазар се токму регионалните инвеститори“.

     Инаку, Македонска берза го зголеми сопственичкиот влог во Централниот депозитар и сега е најголем акционер со околу 29 проценти. „Сметаме дека Депозитарот како институција има латентен потенцијал и може да понуди низа нови услуги на пазарот“, рече Штериев, додавајќи дека двете институции ќе се развиваат усогласено.

    Освен тоа, посочи дека е почнат и значаен проект поддржан од ЕБРД.

    „Работиме на изготвување петгодишна стратегија за развој на Македонска берза како компанија. Веќе е изготвена дијагностичка студија… На пример, се идентификува дека активните retail инвеститори се со доста висока просечна старост. Младите многу многу не ги интересира нашиот пазар. Тие сакаат да инвестираат на светските берзи, во хајтек компании и финтекови, преку мобилен телефон, без да одат кај брокер и во банка. Но, се поставува прашање дали знаат во каков институционален сетап влегуваат одбирајќи одредена Интернет платформа за тргување и дали се свесни за сите инвестициски и други ризици. На младите треба да им се објасни дека можности за инвестирање има и дома и дека дел од портфолиото е добро да биде вложено во инструменти за кое имате или може да добиете супериорно локално знаење“.

    Како што нагласи, знаење за сето ова на домашниот пазар или нема или е под оптималното ниво и мора да се подобри. Поради тоа, Берзата планира да ја интензивира работата на Тренинг центарот преку соработка со Академијата на Загребската берза и другите домашни институции. Во прилог на тоа е и неодамна извршената промена на Правилата за членство на Берзата. Оттаму, континуираната едукација на финансиските посредници е една од новините што ќе се воведе и со новата законска регулатива на пазарот на капитал на која забрзано се работи, наведе челникот на Македонска берза, Иван Штериев.

    Оваа 22 берзанска конференција во Охрид привлече околу 200 учесници домашни и од странство. Исто така, има и претставници од пет регионални берзи – Загреб, Љубљана, Бања Лука, Белград и Софија.

    Конференцијата е организирана со подршка на НЛБ, Халк, Комерцијална и Стопанска банка Скопје, КИБС и Триглав осигурување живот, а медиумски покровители се Капитал, Пари и Bloomberg Adria.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично