ПОВЕЌЕ

    Интервју со Бобан Ристески, претседател на Синдикатот на работниците од финансиските организации на Македонија

    Време зa читање: 6 минути

    Бобан Ристески е дипломиран правник и магистер на науки од областа на осигурувањето. Своето работно искуство го започнал како стажант во адвокатска канцеларија во Охрид, а го продолжил во Комерцијална Банка АД Скопје во Службата за платен промет во земјата.

    Во 2008 година, се приклучува кон Синдикалната организиција на Комерцијална Банка АД Скопје.

    Во 2013 година станува заменик претседател на Синдикалната организиција на Комерцијална Банка АД Скопје, а во 2017 година, во месец декември станува нејзин претседател.

    На 1 април 2019 година станува претседател на Синдикатот на работниците на финансиските организации на Македонија (СФОМ).

    1. Од кога постои СФОМ и како се станува член на СФОМ?

    Синдикатот на финасиските организации на Македонија е регистриран на 5.11.1994 година. Во Синдикатот може да се зачлени секој работник кој е вработен во една од организациите кои се членки на СФОМ. Работникот доброволно се зачленува со потпишување на изјава во Синдикалната организација кадешто работи.

    Во моментов во СФОМ членуваат 20 организации со над 4.356 членови, има мал дел од финансиските организации кои не се членови и дел од нив воопшто немаат Синдикални организации. Како претседател на СФОМ тоа е еден од моите главни предизвици и приоритети и во моментов сме во преговори со неколку организации за формирање на синдикати и нивно приклучување кон СФОМ.

    2. Кои Ви се обврските како претседател на Синдикатот на СФОМ?

    Обврските на претседателот на Синдикатот на СФОМ се насочени кон покренување и остварување на иницијативи за прашања од интерес на членовите на Синдикатот преку свикување на седници како и спроведување на одлуки и заклучоци донесени на истите. Покрај редовните состаноци кои ги организираме на месечно ниво каде сме насочени кон реализирање на синдикалната политика и активностите на Синдикатот во согласност со Програмата, јас како претседател сум во секојдневна комуникација како со претседателите на Синдикалните организации така и со самите членови на СФОМ. Понатаму, обврските на претседателот се: координирање на активности, соработка со други синдикати, помош при формирање на синдикална организација во организациите каде нема Синдикат, соработка со надворешни органи и институции во државата и надвор од неа.

    3. Каква е состојбата во финансиските институции со промена на бројот на вработени? Дали вработувањето во финансиските институции е стабилно?

    Со оглед на фактот дека традиционалното финансиско работење е во процес на дигитална трансформација и организациите постојано се во потрага по алтернативни платформи можеме да заклучиме дека бројот на вработени има тенденција на опаѓање. Од друга страна темпото на имплементирање на иновациите и дигитализацијата ни дава за право да веруваме дека иако е можно намалување на вработувањата сепак нема да има драстични промени во бројот на вработените.

    4. Што е со распоредувањето на вработените и вработувањето на нови кадри согласно со Колективиот договор?

    Согласно колективниот договор работникот во текот на траењето на работниот однос може да биде распореден на работно место кое одговара на неговиот степен на стручна подготовка.

    Прераспоредувањето може да се случи по барање на самиот вработен или пак на работодавецот. Работодавачите при откажување на договорот за вработување поради деловни причини, нема да можат за истите работи, со иста стручна подготовка и занимање да вработат друг работник во рок од две години од денот на престанок на работниот однос.

    Доколку пред истекот на рокот од две години настане потреба за вршење на истите работи, предност во склучување на договор за вработување има работникот на кој предходно му престанал работниот однос.

    5. Дали Синдикатот се грижи кога работодавците потписници на Колективниот договор ги исполнуваат обврските од тој договор и дали досега се евидентирани прекршувања на правата на работниците?

    Синдикатот е директно вклучен во одбрана на правата на работниците во случај на прекршување без разлика дали станува збор за колективниот договор или права согласно законот за работни односи. За време на извршување на мојата функција како претседател на СФОМ досега нема официјално пријавени прекршувања на колективниот договор иако тоа не значи дека прекршувања не постојат. Согласно законот за работни односи синдикатот постапува по барање на работникот т.е. членот на синдикатот.

    Токму затоа инсистираме на организација на работилници, семинари и обуки каде членовите на синдикатите се информираат за нивните законски права со што навремено и ефикасно би се справиле со евентуалните прекршувања.

    6. Доколку работодавецот реши да го намали бројот на вработени, дали синдикатот е вклучен во донесување на одлуката?

    Ако работодавачот го откажува договорот за вработување, е должен да го наведе основот за отказот, утврден со закон, колективен договор и акт на работодавачот, да ја докаже основаноста на причината која го оправдува отказот и истите да ги наведе во образложението.

    Доколку работодавачот има намера да донесе одлука за престанок на работен однос на поголем број работници од деловни причини законски е должен да го информира и консултира репрезентативниот синдикат на работниците.

    7. Дали вработените имаат слободен пристап до Синдикатот, да пријават жалба, поплака од работниот однос и доколку има на кој начин СФОМ реагира (постапува) по таа пријава?

    Сите членови на СФОМ можат да пријават одредено прекршување на нивните права во Синдикалната организација кадешто се членови или директно до Претседателството на СФОМ. Доколку се утврди дека нивните права се прекршени понатаму СФОМ согласно своите одредби за остварување на заштита на економските, социјалните, материјалните, културните и другите интереси на членството превзема чекори за штитење на правата во согласност со:

    -Универзалната декларација за правата на човекот од Обединетите нации (од 1948 година)
    -Европската социјална повелба на советот на Европа (од 1961 година)
    -Повеќе конвенции на МОТ (ILO)

    Република Македонија ги има ратификувано конвенцијата 87 и 98 на МОТ и се имплементирани во Уставот на Република Македонија преку кои се создадени предуслови за донесување на закони од областа на трудот.

    8. За крај, кои се придобивките од членувањето во Синдикатот, односно зошто вработените во финансиските организации би станале членови на СФОМ? 

    Придобивките од членувањето во Синдикатот се следниве:

    – Бесплатна правна помош и застапување при остварување на работничките права;
    – Обезбедување на подобри работни услови;
    – Заштита на работното место;
    – Склучување на колективни договори;
    – Учество на семинари и работни групи со цел за едукација и обучување од областа на работничките права;
    – Користење на групни попусти и бенефиции кои ги има склучено Синдикатот;
    – Учество на спортски игри и др.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично