Потврда за растечкиот тренд и континуираната диверзификација на понудата во секторите на осигурување, покрај индикаторите на континуиран пораст на приходите на постојните осигурителни компании во земјата, е и факторот на пораст на бројот на новоформирани брокерски друштва, кои преку својата понуда на професионални услуги, настојуваат да генерираат додадена вредност за осигурениците, и со тоа, да придонесат кон поголема пазарна реализација предизвикана од ефектите од зголемената јавна свест и препознавање на сите форми на осигурување како уште еден вид финансиска инвестиција во иднината.
Низ призмата на анализите на оваа динамична пазарна категорија, забележливи се активностите на новоформираното брокерско друштво „Бролинс“ АД Скопје, кое низ портфолиото на својата понуда и динамичниот пазарен пристап, настојува да создаде квалитативна разлика во сегментите на застапување на интересите на своите клиенти во секторите на животното и неживотното осигурување.
„Бролинс“ АД е формирано во Јануари 2019 година, од страна на г-ѓа Лолита Младеновска, која е истакнат професионалец во сегментот на животното осигурување со повеќе годишен ангажман на различни менаџерски позиции во Кроација Осигурување Живот.
„Идејата да формирам своја компанија во сферата на секторот на осигурувањето, дојде од желбата за дополнителна сопствена афирмација како професионалец што се должи на побарувањата на клиентите за професионална услуга за сите класи во осигурувањет, и секако, од многубројните анализи дека осигурувањето како финансиска категорија во рамките на нашата национална економија ќе навлезе во фаза на уште подинамичен развој, кој пред сè, ќе се должи на зголемената свесност и побарувачка од страна на постојните и идните осигуреници и клиенти.
Водена од сето ова, лично сметам дека со професионална понуда на брокерски услуги кај кои во примарен фокус ќе ги ставиме интересите и потребите на директните клиенти и корисници на осигурувањето во секоја форма, ќе успееме да создадеме значајна додадена вредност, а со тоа, и да направиме разлика во однос на постојната понуда и побарувачка на услугите во посредувањето при осигурувањето“, изјави Лолита Младеновска.
Потврда за оваа стратешка определба и нивото на професионален фокус на „Бролинс“, се активностите кои друштвото ги презема во контекст на градењето на сопствената мрежа на експозитури, а за што сведочи и отворање на нова модерна експозитура во Скопје, лоцирана во строгиот центар на Градот, и секако, најавата за отворање на свои претставништва во поголемите деловно-индустриски центри низ земјата. Истовремено, друштвото активно вложува во сегментот на изградба и ангажман на професионален брокерски кадар, кој ќе биде подготвен да одговори на предизвиците генерирани од еден од најдинамичните сегменти на финансискиот пазар во Република Северна Македонија.
На тимот на „Бролинс“ му преостанува успешно да ги реализира зацртаните приоритети и цели во сферата на своето делување, а на нас, да посакаме успешно професионално делување со кое ќе се потврдат нашите претпоставки и очекувања за сите идни достигнувања во овој пазарен сегмент.