Брачниот пар македонски електроинженери Небојша и Емилија Димиќ, кои живеат во САД и своите професионални кариери ги граделе во ИТ-индустријата, официјално ја отворија за посетители својата винарија Душа во Волково. Својата љубов кон виното тие ја надоградиле со студии по енологија во Сиетл, преточувајќи го стекнатото знаење во винаријата основана во 2023 година.

Лоцирана на 10 километри од центарот на Скопје и на пет минути возење од обиколницата, Душа нуди организирани тури и дегустации со резервација, но и простор прилагоден за деловни средби, тимски дружења и приватни настани. Капацитетот овозможува прием на помали групи до 12 луѓе, како и поголеми групи до 50 луѓе, при што пакетите можат да се прилагодат според потребите на гостите.

„Во Душа се спојуваат две навидум различни работи: инженерската прецизност и креативноста што ја бара виното. Анализата и современата технологија ни се важни, но исто толку ни се важни интуицијата и почитта кон традицијата. Сакаме гостите тоа да го видат и вкусат од прва рака, од лозата до чашата“, вели Небојша Димиќ. За Емилија Димиќ, виното е повод луѓето да се соберат, да разговараат и да создадат спомени, поради што сакале да создадат место кое е близу до градот, но доволно далеку од секојдневието.
Во рамки на посетите, гостите добиваат водена тура низ винаријата, запознавање со процесот на производство и дегустација на четири вина — белото куве Ведрина, розето Зора, ароматичната Темјаника и новото црвено вино Допир — проследени со мезе даска или автентични македонски специјалитети. Дополнително, едно од винските искуства е фокусирано на македонските сорти Смедеревка, Темјаника, Станушина и Вранец.

Покрај производствениот и дегустацискиот дел во Волково, Душа поседува и лозарско земјиште во Ресава, во срцето на Тиквеш, каде доминираат речиси 50-годишни лози Темјаника кои даваат концентрирано грозје со карактер. Самата парцела во Волково носи повеќегенерациска семејна историја: земјата ја купил прадедото на Небојша со средства заработени при изградба на железнички пруги во Америка и таму засадил лозје. По подоцнежната поделба на имотот меѓу наследниците, Небојша повторно ги откупил и обединил парцелите, а дел од првобитното старо лозје и денес раѓа во дворот на винаријата.
https://www.instagram.com/dushawinery/
Аналитика








