
Целосната примена на системот за електронско следење на семејните насилници би можела да чини околу шест милиони евра, според првични пресметки на кои се повика Моника Зајкова во поткастот „Каде се парите? со Горан Теменугов“. За почеток, ЛДП побарала 45 милиони денари, односно околу 732 илјади евра, за воспоставување на системот и набавка на 500 до 1.000 нараквици. Системот би работел деноноќно, а по набавката ќе треба да се обезбедат пари и за неговото одржување. Според предлогот на ЛДП, судот би определувал електронско следење кога постои забрана за приближување и ќе процени дека жртвата е изложена на висок ризик. Ако насилникот се приближи, жртвата би добила предупредување преку апликација. Следењето би го вршела Управата за извршување на санкциите, а полицијата би требало веднаш да стапи во контакт со жртвата за да ја заштити. Колку тежи аргументот дека мерката е скапа ако со неа може да се спаси и еден човечки живот?
„…Aма, знаете, тоа многу пари кошта. Еден живот да спасиме. Еден, е човечки живот. Е, порака каква упатуваме до општеството. Не може да го нормализираме насилството. Од тоа нормализирање се доведовме до тоа секој да може да се дозволи да крена рака. Од тоа несанкционирање на насилникот и правење, правејќи го моќен, ние дојдовме до ова. Знаете какви пораки добивам? Добивам пораки, изречена му е мерка забрана, доаѓа со колата ми се приближува, мавта со глава, ќе видиш ти кога ќе ми заврши мерката. Не пријавив, затоа што на смена беше негов близок роднина. Знаете што е во руралните средини? И тука сериозно треба да се земе во предвид работата. “
Аналитика








