ПОВЕЌЕ

    СЕКОЈ ДЕН ПРОМЕТ од 1,16 МИЛИОНИ ЕВРА ‒ автомобилскиот бизнис со приход од 425 милиони евра

    Време зa читање: 5 минути

    Кога се пазарат разно-разни намирници се коментира стандардот. Кога се плаќаат сметки, се коментира скапотијата. Но, ништо од тоа не се коментира кога се купува ново возило. За цената се зборува, но во контекст на перформансите – што се добива за тие пари: брзина, моќност, заштеда на гориво, комоција, основна или дополнителна опрема итн. И не се штеди, затоа што се инвестира.

    Во просек, по 1,16 милиони евра дневно лани се слевале во касите на трговците на големо со моторни возила. Вкупниот приход достигнал 425,45 милиони евра, што е за 2,27 насто повеќе од 2024 година. Сепак, позитивниот приходен тренд не успеал да го „спаси“ профитот. Вкупната добивка се намалила за 12,53 насто, на 31,5 милиони евра.

    Бројките се одраз на реализираните деловни активности од 168 компании коишто поднеле финансиски извештаи за 2025 година. Податоците се од Бизнис Мрежа, а анализата на порталот Пари покажува дека автомобилскиот бизнис се шири, но нерамномерно. Најголемите компании го зголемиле прометот, а некои од помалите направиле крупен исчекор. Меѓутоа, кај дел од нив профитот подлегнал под пазарните притисоци. Вкупниот приход пораснал за 9,4 милиони евра, а вкупната добивка е пониска за 4,5 милиони евра.

    Извор: Бизнис Мрежа

    САМО ПОРШЕ МАКЕДОНИЈА ИМА ПРОМЕТ ОД НАД 110 МИЛИОНИ ЕВРА

    Носители на прометот во трговијата на големо се десет компании. Нивниот заеднички минатогодишен резултат е 351,2 милиони евра. Останатите 74,2 милиони евра се распоредени меѓу 158 трговци со возила.

    Само во Порше Македонија лани завршиле 117,2 милиони евра. Продажбата на германските брендови фолксваген, ауди, порше, чешката шкода и шпанскиот сеат обезбедила повисок приход за 16,82 насто, односно за безмалку 17 милиони евра повеќе отколку преклани.

    Без големи процентуални промени (+ 1,04 %) МАК Аутостар ја задржува втората позиција со остварениот приход од 78,1 милион евра. Компанијата е генерален дистрибутер и овластен продавач и сервисер на патничките и комерцијалните возила мерцедес бенц, на автобусите сетра, евобус и фусо, а има и салон за малку користени премиум возила – Premium Used.

    Од француските возила пежо во Еуроимпекс се слеале 62 милиони евра. Приходот го следи годишен раст од 10,48 насто. Првиот договор со Пежо компанијата го склучила во 1992 година, а од 1994 година е генерален увозник за Македонија.

    Кога ќе се стави црта под овие бројки, може да се заклучи дека трите компании заедно имале промет од 257,3 милиони евра, износ што зафаќа 73 насто од приходот на првата десетка.

    Сепак, позицијата на голем играч не гарантира секогаш раст. Автонова го намалила приходот од 54 милиони евра на 35,8 милиони евра, односно за 33,67 насто. Воедно, тоа е најголем пад забележан на листата топ 10.

    Најголемиот процентуален раст на приходот е во сопственост на Сканиа Македонија. Прометот се зголемил од 4,6 милиони евра на 9,5 милиони евра, што е за 106,78 насто. Оваа компанија е специјализирана за тешки товарни возила, а покрај продажбата нуди и сервисна поддршка.

    Гледано по линијата на процентите, следи уште еден шведски бренд. За една година приходот на Волво Македонија нараснал за 89,68 насто, од 5 милиони евра на 9,6 милиони евра. Растот кај двете компании покажува дека лани, освен кај патничките автомобили, имало поголем интерес и за набавка на тешки товарни возила.

    Извор: Бизнис Мрежа

    МИЛИОНСКИОТ ПРОМЕТ НЕ НОСИ СЕКОГАШ И МИЛИОНСКИ ПРОФИТ

    Рангирањето според профитот го менува редоследот, а до некаде и составот на листата топ 10. Предводник е МАК Аутостар со позитивното финансиско остварување од 7,2 милиони евра. Позицијата е освоена и покрај падот од 12,10 насто, односно за еден милион евра.

    Сто илјади евра е пониска добивката на Порше Македонија, која го надминала прагот од 7 милиони евра. Има уште една разлика. Во овој случај е забележан раст од 24,49 насто и движење од прекланските 5,7 милиони евра на 7,1 милион евра лани.

    МА Труст со заработката од 6,1 милион евра е на високото трето место. Сепак, споредено со 2024 година и тогашните 10 милиони евра, износот е понизок за 39,22 насто.

    Вреди да се нагласи дека овие три компании заедно оствариле добивка од 20,4 милиони евра, што претставува 71,83 насто од добивката на десетте најпрофитабилни трговци на големо со моторни возила.

    Интересен е и примерот на Волво Македонија ‒ добивката се зголемила од 148,4 илјади евра на 637,5 илјади евра ‒ за 329,50 насто. Исто така, и кај Тритерол Петрол: профитот нараснал од 86,9 илјади евра на 408,1 илјада евра, што е за 369,86 насто – тоа е најголем процентуален раст на целата листа. Во ова друштво се и Сканиа Македонија (+ 228,24 %) и АБЦ-Бротхер (195,10 %) чијашто добивка скокнала од 348,2 илјади евра на 1 милион евра.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Сепак, под хаубата на македонскиот автомобилски бизнис светнува предупредувачка сијаличка: прометот расте, а профитот ја губи силата и не може да го следи со иста брзина.

    Маја Анастасова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично