Собранието со 69 гласа „за“ ги избра осумтемина нови министри во реконструираната Влада на премиерот Христијан Мицкоски. Нов министер за здравство е Сашо Клековски, ресорот социјална политика, демографија и млади го презеде Ѓоко Велковски, за правда е избран Јетон Шасивари, за култура и туризам Седат Сулејмани, за земјоделство Борче Серафимовски, за локална самоуправа Иван Стоилковиќ, за односи меѓу заедниците Агон Ферати, додека Ерџан Демир ќе биде министер без ресор задолжен за интеграција на Ромите.
Образложувајќи ја реконструкцијата, Мицкоски рече дека новите министри ќе донесат „нова енергија“, „ново темпо“ и уште поефикасна работа на Владата. Опозицијата, пак, оцени дека промените се признание дека досегашниот владин тим не ги испорачал очекуваните резултати.
Во каква состојба новите министри ги преземаат ресорите може да се види и преку платформата „Компас“ на Finance Think, која ја следи реализацијата на социо-економските ветувања на Владата за периодот 2024–2028.
Според анализата, дел од ветувањата веќе се исполнети. Меѓу нив се задржувањето на рамниот данок од 10 проценти, непроменетиот данок на добивка, продолжувањето на даночното ослободување за реинвестирана добивка, како и законските измени со кои беа зголемени пензиите.
Но, голем дел од клучните економски цели сè уште се во фаза на реализација. Владата вети економски раст од три до пет проценти, намалување на буџетскиот дефицит под три проценти од БДП, намалување на јавниот долг, поголеми странски инвестиции и намалување на невработеноста на 7,5 проценти до крајот на мандатот. Овие ветувања допрва ќе се мерат преку официјалните статистички показатели.
„Компас“ покажува и дека повеќе најавени мерки сè уште не се реализирани. Меѓу нив се воведувањето минимална пензија во единствен износ, целосен поврат на персоналниот данок за секоја вработена жена што ќе роди дете, укинувањето на мрежарината од сметките за електрична енергија и даночните олеснувања за научноистражувачката дејност.
Токму затоа реконструкцијата на Владата доаѓа во период кога дел од најважните економски и социјални ветувања сè уште чекаат конкретна реализација. Новите министри ќе треба не само да ги преземат ресорите, туку и да го забрзаат исполнувањето на обврските што Владата ги презеде пред граѓаните.
Аналитика








