ПОВЕЌЕ

    Секој петти жител е сиромашен – без социјална помош би бил секој втор

    Време зa читање: 2 минути

    Секое петто лице во земјава живее под прагот на сиромаштија. Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, стапката на сиромаштија во 2024 година изнесувала 21,9 проценти, пресметана врз основа на лаекенските индикатори, кои се усогласени со методологијата на Европската унија.

    Прагот на сиромаштија е поставен на 60 процент од медијалниот еквивалентен приход. Тоа значи дека за самечко домаќинство границата изнесува 178.286 денари годишно, додека за четиричлено семејство (двајца возрасни и две деца под 14 години) прагот е 374.400 денари годишно.

    Освен тоа, податоците јасно покажуваат колкава е улогата на државната поддршка. Без социјалните трансфери и пензиите, стапката на сиромаштија би достигнала 39,4 проценти, што е речиси двојно повеќе од актуелното ниво. Дури и кога пензиите се вклучени, но без другите трансфери, сиромаштијата би била 24 проценти.

    Сиромаштијата најсилно ги погодува најмладите. Кај децата до 17 години стапката достигнува 29,5 проценти, што е значително над просекот.

    Особено загрижува состојбата кај самохраните родители – дури 45,8 проценти од овие домаќинства живеат во сиромаштија. Уште поизразен ризик има кај семејствата со три и повеќе деца, каде што стапката изнесува 54,8 проценти.

    Од друга страна, најниска сиромаштија има кај домаќинствата со три или повеќе возрасни лица (9,5 %).

    Иако вработеноста значително го намалува ризикот, таа не го елиминира. Стапката на сиромашни вработени изнесува 7,9 проценти. Кај невработените, пак, сиромаштијата е драстично повисока – 45,7 проценти.

    Пензионерите имаат стапка од 12 проценти, додека кај другите неактивни лица таа достигнува 38,5 проценти.

    Нееднаквоста во распределбата на приходите останува значаен фактор. Коефициентот на Џини изнесува 29,2 проценти, а односот меѓу најбогатите и најсиромашните 20 проценти од населението (S80/S20) е 5,2.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично