Трајниот налог е една од банкарските услуги што во голема мера им ги олеснува финансиските обврски на граѓаните, особено кога станува збор за редовното намирување на месечните режиски трошоци. Сепак, оваа погодност има различна цена во зависност од банката. Висината на надоместот зависи и од тоа дали плаќањето се извршува во рамки на истата или кон друга банка, како и од платниот систем преку кој се реализира трансакцијата.
Провизиите за траен налог кога плаќањето се извршува во корист на сметка во истата банка се движат од 0 до 50 денари по трансакција, а кај дел од банките се применува и процентуален надомест со минимален износ.
Без надомест работат ПроКредит банка, ТТК банка и Халк банка. И Стопанска банка Скопје не наплатува провизија за траен налог, освен за плаќање кон ЈП Водовод и канализација Скопје, за што е утврдена тарифа од 10 денари по налог.
Кај НЛБ банка преносите меѓу сопствени сметки и плаќањата за режиски трошоци во рамки на банката се без надомест, додека за пренос на туѓи сметки во банката се наплатуваат 5 денари, а за плаќање кон ЈП Водовод и канализација – 10 денари.
Фиксен надомест од 10 денари наплатуваат Комерцијална банка и Силк Роуд банка, додека УНИ банка наплатува 15 денари по трансакција. Највисок фиксен надомест има Централна кооперативна банка – 50 денари по трансакција.
Алта банка применува процентуален надомест од 0,02 отсто од износот, со минимум 20 денари. И Шпаркасе банка применува процентуален модел од 0,01 отсто со минимум 20 денари за доброволни трајни налози кон сметки во банката и кон ЈП Водовод, додека плаќањата меѓу истиот имател во банката, режиски трошоци кон договорни правни лица и полиси за животно осигурување кон Винер Лајф се без надомест.

Провизиите за траен налог кога средствата се префрлаат во корист на сметка во друга банка значително се разликуваат. Надоместот се наплатува по трансакција, а кај повеќето банки услугата за плаќања во реално време (МИПС) воопшто не е достапна.
КИБС – платен систем за малите плаќања – Кај дел од банките провизијата се движи од 10 до 22 денари. Најниска е во НЛБ банка – 10 денари за пренос кон друга банка, додека плаќањата за режиски трошоци кон правни лица со кои банката има договор, се без надомест. ПроКредит банка наплатува 12 денари, Силк Роуд банка 15 денари, а Комерцијална банка, УНИ банка и Халк банка по 20 денари. ТТК банка наплатува 22 денари по трансакција.
Алта банка и Шпаркасе банка применуваат процентуален надомест од 0,02, односно 0,01 отсто од износот, со минимум 20 денари.
Највисоки провизии има Централна кооперативна банка, кои се во опсег од 50 денари за износ до 10.000 денари, 55 денари за износ до 50.000 денари и 60 денари за износи над 50.000 денари.
МИПС – плаќања во реално време – Услугата е достапна во четири банки. Комерцијална банка наплатува 90 денари по трансакција, УНИ банка 80 денари, а ТТК банка 22 денари. Највисок надомест има ЦКБ – 210 денари по трансакција, без оглед дали износот е до или над еден милион денари.

Податоците од базата на Народната банка, наменети за корисниците на банкарските услуги, покажуваат дека изборот на банка и начинот на извршување на трајниот налог директно влијаат врз висината на месечниот, а со тоа и на годишниот трошок на граѓаните.
М.А.
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








