ПОВЕЌЕ

    Награда од Стопанска комора за „Брако“ за иновативност и развој во услови на пандемија

    Време зa читање: 3 минути

    Велешката компанија „Брако“ ја доби Наградата на Стопанската комора на Македонија за иновативност и развој во услови на пандемија за 2020 година. Наградата се доделува за успешното работење на компанијата и за реализираниот инвестициски циклус од 8 милиони евра, кој опфаќа иновативна технологија на CNC-управувачки машини, нов погон за комплетно еколошко поцинкување, нова опрема за лин-производство… Една од најзначајните инвестиции од овој циклус е развојот на новиот иновативен модел на еколошка машина за одржување хигиена во урбани средини од брендот „Грин машинс“ (Green machines), кој од октомври 2019 година е сопственост на „Брако“.

    Наградата на претседателот на „Брако“, г. Кочо Анѓушев, му ја врачи претседавачот на Собранието на Комората, г. Антони Пешев.

    – Чест ми е што „Брако“ ја добива оваа награда како потврда дека и во оваа тешка година за сите останавме на вистинскиот пат, го задржавме производството, го зголемивме бројот на вработени, инвестиравме во иновации и во технолошки постројки. Новиот модел на „Грин машинс“, GM 500H2, e иновативен производ кој работи на најчистото гориво, водород, воопшто не загадува и не испушта издувни гасови. Ова е технологија што ја препознаваат паметните градови и институции, кои бараат одржливи еколошки решенија. Драго ми е што вредноста ја препозна и Стопанската комора на Македонија. Признанието за нас ќе значи обврска да продолжиме со иновативниот пристап во работата – вели Анѓушев.

    Велешката компанија во моментов вработува повеќе од 600 лица. Тоа е една од технолошки најнапредните компании и е меѓу најголемите извозници во Северна Македонија. Дури 95% од производството на „Брако“ е наменето за извоз во повеќе од 30 земји.

    Стопанската комора на Македонија секоја година им доделува признанија и награди на домашните компании кои оствариле позитивни резултати во работењето во изминатата година. Наградите се поделени во повеќе категории според однапред утврдени критериуми, а одлуката ја донесува Управниот одбор на Комората. Традиционално доделувањето се одвива на настан на кој се одбележува годишнината од основањето на Стопанската комора. Годинава, поради условите што ги наметнува пандемијата, годишнината се одбележува преку ТВ-содржини.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично