ПОВЕЌЕ

    Владата ќе ги реши протестите: Прво имотите на увид, потоа барања за повисоки плати

    Време зa читање: 4 минути

    Вработените во Управата за јавни приходи секојдневно протестираат од 10 до 12 часот. До 27 месецов. Потоа следува генерален штрајк. Предупредувачки протест одржаа цариниците, со „јамб“ во најава – можно е целосно спуштање на рампите. Судската администрација исто така е на нозе. Протестираа и лицата со посебни потреби, со барање приходите да им се зголемат за 78 проценти. По примерот на функционерите. И не е прашањето кој прв почна. Туку, како сево ова ќе заврши. Зашто, и во други институции кои се под капата на државата се разгледуваат можностите за манифестација на незадоволството.

    Засега, двочасовниот прекин веќе станува рутина. И за вработените и за клиентите. Нешто како продолжена пауза. Сепак, проблемот е тука. Вработените бараат зголемување на платите. За 30 насто. Велат, само инсистираат на тоа што законски им следува. Оттаму, властите добија рок од седум дена да ги испочитуваат одредбите и Министерството за финансии да ги одобри спорните проценти. Во спротивно, од 27 јуни вработените во Управата за јавни приходи ќе го стартуваат генералниот штрајк.

    Како што посочи синдикалниот лидер на „Солидарност“, организација во рамките на УЈП, Васе Неденовски, тоа ќе значи блокада на целата држава. И тоа не по нивна вина. Пред се, поради тоа што платите во Управата само еднаш се зголемени во текот на цели 16 години. За пет проценти, пред пет години.

    И во Царинската управа се сериозни со предупредувањата за затворање на граничните премини. Вработените со години наназад имаат право на додаток од 30 насто, кој никогаш не го добиле. А, секоја година го полнат буџетот со повеќе од 51 отсто, посочи претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски. Наспроти тоа, велат незадоволните од Управата, министерот за финансии си обезбеди 30 проценти зголемување на платите во Министерството.

    Од ССМ, пак, предупредуваат дека државата ќе мора да плати отштета по поднесените тужби за парични побарувања. Тие се однесуваат на сето она што е законски утврдено, а не е реализирано – триесетпроцентнот додаток, усогласувањата со инфлацијата…, односно се работи за прекршувања на законските одредби во колективниот договор и во УЈП и во Царина. Според пресметките на Синдикатот, се доаѓа до износи од седум до десет илјади евра по вработен. Освен тоа, велат, Колективниот договор за Царинската управа е неодамна потпишан, но не се спроведува затоа што се чека новиот општ колективен договор за јавниот сектор.

    Во таа насока се и коментарите дека е очигледно непочитувањето на моментално важечките колективни договори, така што непродуктивно е да се разговара за општиот.

    Што се однесува до вработените во судската администрација, нивното барање е – да се изгласаат законски одредби за повисока плата на судската служба. Дотогаш службениците да добиваат додатоци со висина од минимум 25 проценти од платата.

    Во државата има пари, но не се правилно распоредени, велат од ССМ, зашто функционерите си ги распоредуваат за нив, а за работниците – ништо.

    Впрочем, не само администрацијата, туку и целата јавност се разбранува по зголемувањето од неверојатните и скандалозни за македонските состојби, 78 проценти за платите на избраните. Што во пракса значи дека на сметките имаат повисок прилив од 60 до 80 илјади денари.

    Затоа и се случи протестот на кој со инвалидски колички, со бели стапови и со придружници излегоа неодамна пред Владата лицата со посебни потреби. Кои појрај тоа што имаат потреба од соодветни услови во кои ќе можат непречено да се движат и да опстојуваат, побараа и 78 насто повисоки примања.

    Претставниците на власта, освен што се во очекување на третата повисока плата, како израз на нивното почитување на судските одлуки, воопшто не го спорат правото на протести.

    Работниците и претставниците на Синдикатот имаат право да ги искажат своите загрижености… Се работи на нов општ колективен договор за сите вработени, со цел да се овозможи правилно усогласување на платите согласно методологија која ќе биде усвоена од Владата и синдикатите. Веќе има три модели кои се тестираат и се прават симулации какво влијание ќе имаат на буџетот. Законот за плати треба да се стави ред на висината на платите на сите нивоа, е ставот на премиерот Димитар Ковачевски.

    Без оглед што платите на 1.060 функционери се зголемија без симулации за тоа како државната каса ќе ги издржи дополнителните 15 милиони евра на годишно ниво, премиерот има предлог – директорите на Царина и на УЈП да изнајдат модел за проверка на имотната состојба на вработените и да се воведе систем на перформанси кој колку придонесува во работата.

    Звучи како предупредување пред најавените крупни чекори од вработените на УЈП и на Царинската управа или, можеби, во Владата подготвуваат некакво решение? Согласно заслугите.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично