ПОВЕЌЕ

    Статистика: Бројот на странски туристи зголемен за 84,5 насто

    Време зa читање: 3 минути

    За македонскиот туризам 2022 е успешна година. Подобра од претпандемиската 2019 која, според остварувањата, од туристичките работници беше поставена како цел кој треба да се достигне.

    Лани во ноември статистиката евидентирала 56.886 туристи. Поголемиот дел од нив, односно 63,8 проценти се странски, а 36,2 отсто се домашни туристи, покажуваат последните податоците од Државниот завод за статистика. Притоа, остварени се 124.969 ноќевања: 40,6 проценти од македонските граѓани и 59,4 отсто од странци.

    Од јануари до ноември, споредено со истиот период од 2021 година, бројот на туристите бележи пораст од 38,8 насто (кај домашните туристи од 6,2, а кај странските – 84,5 проценти). Ноќевањата во истиот споредбен период се во позитива од 23,3 проценти. Кај домашните туристи зголемувањето изнесува 3,9, а кај странските 72,2 насто.

    Всушност, и без заокружување на минатогодишните резултати, од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) имаше позитивни оценки. Пред се, поради тоа што Македонија, базирано врз  податоците од Светската туристичка организација УНВТО, се вброи меѓу првите десет дестинации според девизниот прилив од туризмот (износот од 376,48 милиони долари од првите три квартали, за 25 насто го надмина реперот од 2019). Годината, пак, според првичните проценки, заврши со вкупен туристички промет од 430 милиони долари. Податоците покажуваат дека странците покажале зголемен интерес за посета на земјата, меѓу кои доминираат гостите од Србија, Албанија, Косово, Турција, Бугарија, Хрватска и Полска.

    Туристичките работници се задоволни, но секогаш може подобро. Македонија има што да понуди и ефектите од туризмот може да се многу поголеми. Охрид отсекогаш е главниот адут и, традиционално, прв избор на туристите (не сметајќи ги оние кои таму имаат станови и викендички), а природата и културно-историското наследство му обезбедија место на листата градови, кои според Форбс, треба да се посетат. Приказни за продажба не недостасуваат: Струга со Црн Дрим и чаршијата, Дојран со лековитата кал и рибарењето, Преспа со песочните плажи и живописните села. Крушево, Берово, Маврово, Пелистер, Пониква… Има услови за развој на разни туристички видови, од типот на планинарење, планински велосипедизам, селски, бањски, верски туризам… Сепак, за да се постигне каков било напредок на тој план, претходно мора да се отстранат аномалиите од типот на градежниот хаос, несоодветната сообраќајна инфраструктура, узурпираните крајбрежја, езерата што се празнат, загадените води, дивите депонии, односно сето она што ги одвраќа туристите да дојдат прв пат или да се вратат повторно во Македонија. Оттука и потребата од сериозен пристап кон решавање на проблемите, за да може државата, на сите полиња, да ги почувствува придобивките што ги носи развиениот туризам – зголемување на економскиот раст, нови инвестиции и работни места, повисок животен стандард.

    Според стратешкиот план на АППТ за годинава, активностите се насочуваат кон развивање на туризмот и зголемување на бројот на туристи на локално и на државно ниво. Притоа, како што наведуваат, за закрепнување на туризмот ќе се оди со искористување на обновливите извори на енергија и зачувување на животната средина, со цел развој и практикување на одржливи туристички форми.

    Годинава, според поставените цели на АППТ, треба да се реализираат повеќе од 3,2 милиони ноќевања, а добивката од туристичката индустрија да го надмине прагот од 430 милиони долари. Со амбиција до 2025 година да се евидентираат четири милиони ноќевања и девизен прилив од 500 милиони долари.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично