ПОВЕЌЕ

    Гацов: Прибирањето на ДДВ потфрла

    Време зa читање: 4 минути

    Измените на стапките на данокот на додадена вредност и новиот модел на наплата на овој данок при увоз на електрична енергија и гас не е никакво оправдување за тоа што во буџетот за првите седум месеци има 112 милиони евра помалку собрани пари од ДДВ, смета даночниот експерт Павле Гацов.

    „Одлагањето на плаќањето ДДВ при увоз на струја и гас не смее да влијае врз намалување на прибраните приходи од ДДВ по овој основ. Имено, увезената струја не се чува на залиха и се продава веднаш (со ДДВ или со пренесен ДДВ на купувачот). Можност за чување на гасот на залиха постои, но и тој се продава за релативно кратко време“, вели за pari.com.mk Гацов.

    Тој објасни дека данокот на додадена вредност беше намален од 18 % на 5 % за прометот и увозот на електричната енергија за домаќинствата во период од јуни 2021 година до 31 декември 2022 година, како и оданочување со даночна стапка од 10 % за прометот и увозот на електрична енергија за домаќинствата во период од 1 јануари 2023 година до 30 јуни 2023 година. Прометот и увозот на електричната енергија за домаќинствата од 1 јули 2023 година повторно се оданочува со 18 % ДДВ. Затоа, според Гацов, намалената стапка од 10 % за ДОМАЌИНСТВАТА за првата половина од 2023 година беше позната работа и била планирана за буџетските приходи.

    Тој појасни и дека наплатата на ДДВ за увезената струја и гас беше само одложена до продажбата на струјата на пазарот во Македонија. Тоа е таканаречен систем на „reverse charge кога продавачот не пресметува ДДВ, туку оваа обврска ја пренесува на купувачот, кој го пресметуваа данокот што продавачот не му го пресметал, но има право да го одбие ако струјата/гасот ги користи за стопански цели, вклучувајќи и натамошна продажба. Овој режим го има и во градежништвото и во продажбата на отпад и тоа има неутрален ефект врз данокот на додадена вредност. Овој данок не го товари бизнисот туку паѓа на товар на крајната потрошувачка (граѓаните), вели Гацов.

    Вчера и министерот за финансии, Фатмир Бесими, се обиде да објасни во своја корист дека наплатата на ДДВ оди добро.

    „Во периодот од 1 јануари до 18 август годинава ДДВ-то е повисоко за 4,8 % на нето-основа, односно надминато во однос на истиот период од 2022 година. Вкупните приходи во однос на 2022 година се повисоки за 12,5 %. Кај данокот на личен доход се повисоки за 15,2 %, кај данокот на добивка се повисоки за 6,7 %, 4,8 % кај ДДВ, кај акцизите се повисоки за 5,9 %, кај увозните давачки 9,9 %, кај другите даночни приходи се повисоки за 4,1 %, а кај придонесите за 19,3 %“, изјави Бесими на прес-конференцијата, каде се потпиша договор за заем на 100 милиони евра од ЕБОР за потребите за нормално функционирање на ЕСМ.

    Сепак, pari.com.mk не објави споредба меѓу приходите во 2022 година и 2023 година, туку колку е планираното собирање на данокот на додадена вредност во периодот јануари – јули оваа година и колкава е реализацијата. Според податоците од Управата за јавни приходи, само во јули наплатени се речиси 24 милиони евра помалку од планираното за овој месец.

     Ако на ова се додаде и потфрлањето од 88 милиони евра во првите шест месеци од годинава, се доаѓа до сумата од 112 милиони евра помалку.

    Ова значи дека за седум месеци од 2023 година потфрлањето кај данокот на додадена вредност е 15,43 насто.

    Инаку, данокот на додадена вредност изнесува 49 насто од сите даноци што ги собира државава или скоро 28 насто од сите приходи во буџетот, кои за 2023 година се планира да изнесуваат 4,59 милијарди евра.

    Г.Т.

    Лектор: Христина Ангелеска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично