ПОВЕЌЕ

    За три години гринфилд-инвестициите се намалени

    Време зa читање: 4 минути

    Странските гринфилд-инвестиции за три години, од 2020 до 2022 година, се намалиле за 177.597.936 евра. По рекордната година на овие инвестиции, 2019, кога кумулативно изнесувале 1.704.357.745 евра, на крајот од 2022 година се 1.526.759.809 евра.

    Состојба на вкупни инвестиции (сопственички капитал) во Република Македонија – структура по нови, постојни и останати инвестиции

    Ова не е првпат да има намалување на гринфилд-инвестициите во Македонија. Тоа се случуваше и во 2012 и во 2014 година, кога намалувањата годишно беа сериозно поголеми.

    Кумулативниот пад во периодот 2020 – 2022 година кај гринфилд-инвестициите, од 177,5 милиони евра, го надминува рекордниот пад во 2014 година, од 144 милиони евра, но специфично е што првпат имаме тригодишно континуирано намалување на овие инвестиции.

    Од Народната банка на Македонија, која ги евидентира странските директни инвестиции, за www.pari.com.mk велат дека намалувањето се должи на повеќе фактори: Во наведениот период, 20202022 година, износите на компонентите коишто дејствуваат на намалување на состојбата на вкупниот капитал кај гринфилдинвестициите ги надминуваат износите на компонентите коишто дејствуваат на нивно зголемување и се однесуваат на исплати на дивиденди, остварени загуби и сл.

    Според информациите, намалувањето пред сѐ се должи на зголемена исплата на дивиденди на странските компании, но и поради ликвидација на една фирма која имала гринфилд-инвестиција во Македонија.

    Но, додека има намалување кај овој тип инвестиции, значи кај отворање нови погони што ќе вработуваат нови вработени, кај вкупниот износ на странски директни инвестиции има зголемување во 2022 година.

    Особено позитивни се остварувањата во претходната, 2022 година, кога беа остварени нето-приливи од 5,1 % од БДП, што воедно претставува рекордна година со остварени нетоприливи од странски директни инвестиции во износ од 654,2 милиони евра“, велат од Народна банка.

    Оваа, 2023 година не е толку успешна според бројките, но затоа, од Централната банка велат дека се подобрува структурата на странските директни инвестиции.

    За првите девет месеци од 2023 година, остварувањата упатуваат на одредено намалување на СДИ во однос на истиот период од претходната година (за 1,3 п.п. од БДП), но истовремено има значајно подобрување на структурата кај инвестициите. Имено, за разлика од должничката компонента, којашто доминираше во структурата на СДИ во првите три квартали од 2022 година, последните остварувања укажуваат дека недолжничките категории ги движат директните инвестиции во овој период од 2023 година, со значаен придонес на сопственичкиот капитал. Притоа, придонесот на компонентите, односно формата на приливите по основ на СДИ во земјата, се менува во согласност со потребите на компаниите и односите со нивните мајки, и оттука во одредени периоди доминира должничката, односно недолжничката компонента, велат од Народна банка.

    новинар: Горан Теменугов

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично