ПОВЕЌЕ

    Бранко Азески: Без владеење на правото нема напредок во економијата

    Време зa читање: 6 минути

    Државава мора да почива на вредности, не на апсурди. Нели е апсурдно сè уште да не е законски дефиниран холдингот, да имаш градежна оператива што градела низ цел свет, а да не можеш да ја изградиш сопствената држава, да увезуваш работна сила од Непал и од Бангладеш, а да „извезуваш“ квалификувани работници во Европската Унија? Не изградивме сами ни еден километар железничка линија која поминува низ нашава држава (пругата кон Солун е градена за време на Отоманската Империја, кон Битола во време на владеење на Србите, кон Кочани за време на владеење на Бугарите). Не е реално да очекуваме брз развој на една држава ако самата не е подготвена да изгради функционална инфраструктура за бизнисот, акцентира претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески во мега-интервјуто за списанието „Економија и бизнис“, од кое пренесуваме дел.

    За клучните слабости на македонската економија и за неискористените потенцијали вели:

    „Македонија имаше исклучително лош старт од нејзиното осамостојување… Мора да признаеме дека нискиот раст е остварен во вакво неповолно безбедносно и економско опкружување и услови. Но, вистинското прашање е зошто другите остваруваа повисоки стапки на раст. Се разбира, тоа е поради самодовербата. Во овие 32 години, самите говориме за тоа дека состојбата ни е тешка, дека не можеме сами, мали сме, не можеме да се разбереме итн. Никаде не можеме да слушнеме за позитивен пример и за работи што ни даваат оптимизам. Да ја шириме вербата дека можеме да успееме како нација и економија… Доаѓаме до одговорот на прашањето дали може во ваков општествен амбиент да се изгради систем кој ќе овозможи поголем раст. Бизнисот бара стабилност и предвидливост, мудрост, но и преземање ризик… Се разбира, прашање над сите прашања е дали со годишни стапки на реален раст од 2 до 3 % можеме некаде да стигнеме. Одговорот е, не можеме никаде да стигнеме. Нашите предности остануваат географската местоположба на земјава, нашата дијаспора, можностите за развој на рударството, фармацевтската дејност, индустријата, развојот на новите технологии, сточарството и младата популација“.

    На прашањето – дали проблемите на македонската економија можат да се решат само со економски мерки или се потребни и пошироки промени во самото општество, креаторот на познатата изрека „не може да има хотел со пет ѕвездички во земја со три ѕвездички“, одговара:  

    Самодовербата, имплементацијата и одговорноста се трите волшебни збора за успешен и брз развој на едно општество и економија. За самодовербата зборував во претходното прашање. Вториот клучен збор е имплементацијата. Кој не може да го исполни тоа што е донесено како законски пропис мора и да си поднесе одговорност. Доволно ни се ветувања во стилот ‘ќе биде’. Мора конечно да кажеме дека нешто е завршено и имплементирано. Мора да се престане со навиката за неподнослива леснотија во давањето на ветувања кои потоа никој не ги исполнува. Не може да се даваат ветувања дека нема да се зголемуваат даноците, а потоа тие да се покачуваат. Или ќе кажеме дека недела нема да биде неработен ден, а потоа ја прогласуваме за неработен ден“.

    Зголемувањето на извозната активност е една од клучните заложби на Стопанската комора, а за тоа што сѐ се презема во таа насока, претседателот на СКСМ, вели:

    „Мала економија како македонската не може да смета на забрзан раст без поголемо присуство на компаниите на меѓународните пазари. Прашањето за поголем извоз за Македонија е да се биде или не. Поради тоа посветуваме многу внимание на подобрување на извозот. Стопанската комора е единствената институција која троши средства за анализи, која прави проекти и ги промовира можностите пред компаниите за зголемување на извозот. Ниедна друга институција во Македонија не посветува поголемо внимание на извозот. За ова имаме огромна поддршка од нашите партнери како што се УСАИД и Владата на Швајцарија. Ако останеме да произведуваме само за домашниот пазар не може да очекуваме побрз раст на економијата. Едноставно тоа што ќе го произведеме дома ќе нема кој да го потроши“.

    Регионалната економска соработка е од голема важност, но нагласува Азески, досега имало 74 иницијативи за подобрување на економската соработка на Западен Балкан кои не успеале:

    „Ќе успее онаа иницијатива која ќе дојде од самите нас. Работиме на тоа сите иницијативи кои се живи иницијативи за Зaпаден Балкан да се спојат на едно место и да се идентификува реалниот претставник на приватниот сектор на Западниот Балкан, кои ќе ја потпишат оваа иницијатива како изворна и која е произлезена од самите компании и бизниси и прилагодени на новиот економски раст како најважна алатка на Берлинскиот процес. Но, ние одиме и чекор напред. Ѝ даваме живот на најстарата регионална институција − Асоцијацијата на балкански комори − со нејзиното ангажирање за инфраструктурно инвестирање на целиот Балкан. На тој начин ќе му се помогне на бизнисот кој ќе ги зголеми конкурентноста и профитабилноста со помали трошоци“.

    Воедно, потенцира – по долги години кај приватниот сектор конечно е разбиена дилемата дека без владеење на правото нема никаков напредок во економијата.

    „Ние тука градиме нова стратегија која ќе биде промовирана по изборите. Отворено ќе ги повикаме сите институции во државава да ги извршуваат своите надлежности. Во спротивно ќе преземеме мерки со кои ќе го заштитиме бизнисот и ќе ги заштитиме своите интереси. Јавно ќе ги објавуваме нашите ставови во однос на прашања од економската политика со кои не се согласуваме. Второ, ќе инсистираме на учество во конципирањето на законите пред нивното донесување, а не само да коментираме откако тие ќе бидат изготвени. Натаму, јасно ќе го повикаме новиот шеф на државава да го искористи своето право да не ги потпишува законите и потоа во рок од 30 дена да се одвива суштинска јавна дебата за прашањата за кои немаме согласност. Ако сето тоа не даде резултат нема да можеме да ги спречиме компаниите своето функционирање да го пренасочат или во други земји во регионот кои се членки на Европската унија или во земји кои не се членки на ЕУ, но имаат подобри услови за функционирање на бизнисот“.

    Првиот човек на Стопанската комора, Бранко Азески, со порака до идната влада:

    „Мојата порака до политичките лидери е: изгубивме 32 години за да воспоставиме ефикасен систем на владеење на правото. Мораме да го надоместиме изгубеното време за што повеќе да се приближиме кон нашата определба за интеграција во европските процеси. Потребно е да го искористиме стратешкото партнерство со најважната земја во светот, да ги усогласиме ставовите со ЕУ како наш најголем трговски партнер. И да дојдеме во состојба да одговориме на едноставното прашање: Што е проблемот со нас кога за стратешки партнер ги имаме САД, кога наш најголем трговски партнер е Германија и го имаме решено најголемиот дел од споровите со соседите? Тоа сугерира неспособност од наша страна за која ќе треба да поразговараме. Но, најважно од сè е констатацијата изнесена во Стопанската комора дека тој дијалог мора да биде суштински, а не да се користи од некои актери за ‘самопромоција’. Конечно, очекуваме тоа што ќе биде кажано во меѓусебните комуникации и да се исполни“.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично