Министерството за финансии на 10 јануари издало две државни обврзници, кои шест дена подоцна се примени на котација. Се тргуваат на официјалниот пазар на подсегментот берзанска котација, информираа од Македонска берза.
Државата на домашниот пазар се задолжува со дополнителни 66,2 милиони евра. Помал дел од позајмените пари треба да се врати на 10 јануари 2028 година. За другото раздолжување има време. За тоа ќе се мисли во 2040 година, кога долгот треба да се врати на истиот датум.
Првата емисија е со вредност од 733.000.000 денари или 11,9 милиони евра. Издадени се 73.300 државни обврзници со номинална цена од 10.000 денари. Инвеститорите ќе добијат камата од 3,95 проценти.
Емитуваните 333.925 хартии од вредност зад кои стои државата, исто така се со номинална вредост од десет илјади денари, а вкупниот износ е 3.339.250.000 денари, односно 54,3 милиони евра. Предвидената каматна стапка е 5,6 проценти.
И двата вида државни обврзници се без девизна клаузула.